Службите за итни случаи соопштија дека експлозијата се случила во магацин со пиротехничка опрема, пренесува прорежимската државна новинска агенција ТАСС.
Гувернерот на Московската област Андреј Воробјов изјави дека локацијата е дадена под закуп на приватна компанија и дека е покрената кривична истрага за можно кршење на безбедносните процедури.
Тој рече дека се оштетени 38 објекти во околината, како и две училишта, спортски комплекс и продавница.
ТАСС известува дека службите ги отфрлаат раните извештаи дека експлозијата била предизвикана од напад со дрон. Во последните неколку недели, Москва и нејзината околина беа честа мета на беспилотни летала кои Русија ѝ ги припишува на Украина.
Воробјов рече дека 30 лица завршиле во болница, од кои шест на интензивна нега, а уште 26 лица се згрижени со полесни повреди.
Фабриката Загорск произведува оптичка опрема за индустријата и здравството, како и за руската армија. ТАСС пишува дека во тек е голема спасувачка операција во која учествуваат повеќе од 150 луѓе, а други руски агенции пишуваат дека во областа е прогласена вонредна состојба.