More

    Експертите тврдат дека мобилните телефони се извор на корупција во затворите

    spot_img

    Мобилните телефони се извор на корупција во затворите, тврдат експертите со коишто стапивме во контакт. Нивните мислења за прашањето дали треба да се либерализира затворската регулатива за користењето на разните форми на комуникација со надворешниот свет се разликуваат, но експертите се согласни во констатацијата дека отсуството на легални начини на комуникации создаваат услови за голема заработка на тие што го кршат законот.

    Казнено-поправните и воспитно-поправните установи се должни да обезбедат непречено остварување на ова право на осудените лица, контактирање со надворешниот свет преку телефонирање.

    Што виде Комисијата за превенција од тортура во КПД „Идризово“?

    За жал, во установите во нашата држава телефонските говорници со години се нефункционални, тврди проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, редовен професор на катедрата за криминологија и пенологија на Правниот факултет во Скопје. Таа вели дека токму тоа е и причината за нелегално внесување и користење мобилни телефони во нашите казнено-поправни установи.

    – Овој проблем со години се нотира и во извештаите на Комитетот за превенција од тортура и се истакнува како една од главните причини за корупција во македонските пенитенцијарни установи. Во извештајот на КПТ од 12.10.2017 година, за посета остварена во декември 2016 година, посебно се акцентира проблемот на корупција во КПД Идризово. Како што стои во извештајот, цитирам: „Комитетот за превенција од тортура утврди дека во КПД Идризово секој аспект на затворањето е за продажба, од добивањето место во пристојна ќелија, преку домашното отсуство, до лековите, мобилните телефони и до дрогата. Понатаму во извештајот се вели, цитирам: „Мобилните телефони беа присутни низ целиот затвор, а паметните телефони чинеа околу 300 евра плус мала дневна исплата на затворските службеници за да не ги пријават“. „Мобилните телефони јавно се користат.“ „Фактот дека јавните говорници не функционираат му погодуваат на бизнисот со мобилни телефони да цвета“. Истите забелешки се нотираат и во последниот извештај на КПТ од 29 јули 2021 година за посета остварена во периодот од 7 до 9 декември 2020 година, како и во претходниот извештај од 11 мај 2021, за посета остварена во периодот од 2 до 10 декември 2019 година – вели професорката.

    Таа потенцира дека од безбедносни причини никаде во светот не е легализирана употребата на мобилни телефони во затворите, ниту, пак, некаде на затворениците им е дозволен слободен пристап до интернет. Груевска Дракулевски е сигурна дека проблемот во нашите затвори може да се реши веднаш, со поставување телефонски говорници.

    – Како позитивен пример би го истакнала Затвор Битола, која е единствената установа во која функционира телефонска говорница. Во фокусот на сузбивање на корупцијата треба да биде професионализација на затворскиот персонал, строги контроли при влез и излез од установите, дисциплински мерки за затворениците кај кои ќе бидат пронајдени мобилни телефони, ефикасни истраги за затворскиот персонал и дисциплински мерки и кривични постапки. Потоа, неопходни се блокатори што ќе ја оневозможуваат комуникацијата преку мобилни телефони, како и други современи начини за откривање и лоцирање на шверцувани 2Г, 3Г, 4Г и вај-фај мобилни уреди – тврди професорката.

    Таа вели дека поседувањето и користењето на мобилни телефони во казнено-поправните установи може да му погодува на организираниот криминал. Може да се злоупотребува за контрола на злосторнички здруженија, банди, заради упатување закани на сведоци, жртви и оштетени, за планирање бегства или организирање други сериозни кривични дела. Затворениците, исто така, може да користат паметни телефони за да соберат разузнавачки информации за затворскиот персонал, за лицата кои го спроведуваат законот и да им упатуваат закани на нив или на членови на нивните семејства.

    Затворската корупција „цвета“ и во поразвиените земји

    Колегата на Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Гордан Калајџиев, се согласува со констатацијата дека мобилните телефони се извор на корупција во затворите.

    – Ниту една држава не дозволува мобилни телефони во затворите. Мене ако ме прашате, јас би ги легализирал, бидејќи се извор на корупција. Треба да се има предви и фактот дека и пристапот до информации служи во процесот на рехабилитација и ресоцијализација – вели за Плусинфо професорот по кривично право.

    Калајџиев открива дека проблем како нашиот имаат и многу поразвиени земји во Европа.

    – Пред извесно време имав прилика да посетам неколку затвори во Австрија. Во Централниот затвор во Виена беше многу строго од секој аспект, но во помалите затвори во внатрешноста на земјата имав прилика да видам како затворениците слободно користат мобилните телефони – додава Калајџиев.

    Тој го нотира и проблемот со условниот допуст, кој судиите редовно им го оневозможуваат на затворениците. Калајџиев смета дека ваквиот ригиден став кон луѓето осудени на затворска казна, само дополнително ја развива корупцијата во затворите.

    Шпанските сопчиња се минато

    На неодамна одржаниот научен собир во Битола, на кој експерти говореа за правилниот пристап во рехабилитацијата на затворениците, беа посочени примерите на Финска и на Естонија.

    Во Финска на затворениците им е дозволено да испраќаат и-мејл пораки, со што можат да останат во контакт со надворешниот свет. Во Естонија, пак, затворениците целото плаќање го вршат електронски, со што се намалува можноста за корупција.

    – Минатото ни покажа дека „шпанските сопчиња“, осуденичкиот чекор и молчењето, присилната работа и темните ќелии не се решението. Времето нè научи дека ниту смртната казна не е одговорот за успешно спречување на криминалот, а сегашноста ни укажува дека е потребно да сме „хумани во строгоста“, затоа што само така ќе успееме во никогаш завршливата борба со криминалното однесување. Нема да го затвориме кругот, но секогаш ќе сме еден чекор понапред. Третманот на осудените лица претставува клучен аспект во процесот на издржување на казната затвор. Активната вклученост на осудените лица и довербата меѓу нив и нас, на крајот резултира со успешно исполнување на трите „Р“, односно нивна рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција, по што заедницата добива повторно корисен член, чии ставови се во иста насока со тие на мнозинството – објаснува проф. д-р Ангелина Станојоска, раководител на Центарот за научноистражувачка работа на битолскиот Правен факултет.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img