Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил ослабен на температури под нулата пред да биде удрен од послушниците на Путин со класична техника на КГБ, со еден удар во срцето, тврди активист за човекови права, објави Тајмс.
Модринките пронајдени на телото на опозицискиот лидер се во согласност со методот на егзекуција со „еден удар“, вели рускиот активист за човекови права Владимир Осечкин.
– Тоа е стар метод на одделот за специјални сили на КГБ. Тие ги обучувале своите оперативци да убијат човек со еден удар во срцето, во центарот на телото. Тоа беше заштитен знак на КГБ – изјави Осечкин за лондонски Тајмс.
Осечкин, основачот на Гулагу.нет, група која собира сведоштва од затвореници и работници во озлогласените руски затвори, вели дека неговите информации потекнуваат од извор кој работел во казнената колонија на Арктикот каде што Алексеј Навални починал во петокот.
Неговата вдовица Јулија Навални го обвини Путин за убиство на нејзиниот сопруг, тврдејќи дека тој бил отруен со нервниот агенс „новичок“ и дека руските власти се обидуваат да го прикријат тоа.
На мајката на Навални, наводно, и било кажано дека тој починал од синдром на ненадејна смрт.
Осечкин, сепак, не е убеден и вели дека властите би можеле да го убијат Навални на кој било начин и дека не би сакале „да остават трага во неговото тело кои би одвеле директно кај Путин“.
Тој тврди дека Навални бил принуден да помине помеѓу два и пол до четири часа во затворен простор на отворено каде што температурата можела да се спушти до минус 27 степени Целзиусови ден пред неговата смрт.
Затворениците обично се држат на отворено не повеќе од еден час и во многу помалку екстремни услови.
– Мислам дека прво го уништиле телото така што го држеле на студ долго време и ја успориле циркулацијата на крвта на минимум. А тогаш станува многу лесно да се убие некого, во рок од неколку секунди, ако оперативецот има искуство во тоа – објасни Осечкин.
Тогаш, како што вели осечкин , може да се употреби еден удар, техника на прикриен атентат која наводно ја користеле специјалните сили на КГБ за да избегнат било какви индикација за предизвикана насилна смрт.