More

    Експерти предупредуваат дека доцниме со регулативата

    spot_img

    Академската заедница предупреди дека од 2026 година ниту еден производ нема да може да излезе од земјава без т.н. карбон такси. Рокот е до јуни 2026, а ние немаме ништо од тоа направено. Бизнисот на тоа додава и дека нема државна стратегија за зелена транзиција.

    Ова беше речено на денешната конференција што се одржа на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) во Скопје.

    Според експертите и бизнисмените, институциите и политичарите само зборуваат за одржлив развој и за циркуларна економија, но никој реално тоа не го спроведува. И сега, во предизборните претседателски говори, можете да слушнете „одржлив развој“, но, велат експерти, за одржлив развој треба нешто да се сработи, да се намалат емисиите на загадувачите, да се намали количеството на создавање отпад, да се користат одржливи енергенси, суровини кои се еколошки пријателски и од обвновливо потекло.

    Учесниците укажаа на потребата од соработка меѓу науката и фирмите, посебно на полето на новите, иновативни материјали кои може да се рециклираат.

    -Секојдневно слушаме за бројни еразмус проекти, за бројни институти за комуникации, институти за вакви или онакви активности, се влечат огромни пари од европските фондови и се е тоа само на некакви презентации – што треба да направиме, но тоа реално никој не го прави. Науката има капацитет, но фондовите од државата за поддршка на истражувачките активности се сведени на нула, особено последните 10 години. Постојат само билатерални проекти, нешто со Австрија, нешто со Кина и толку. Македонските истражувачи и науката се насочени на европските фондови, а таму конкуренцијата е претешка. Мора да се вратиме на некакви поддршки на домашните истражувачи и поддршката треба да доаѓа од дома. Во проектите, секако, треба да одат академијата и индустријата заедно, за да сработиме реално нов производ кој утре ќе го преземе некоја фирма во своето производство -истакна професорката Анита Грозданов од ТМФ.

    Претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Трајан Ангелоски, пак, смета дека  се додека фрламе отпадоци во контејнер, циркуларна економија не постои.

    -Ако прошетаме по одредени европски земји, ќе видиме контејнери заклучени со катанци. Не можете да фрлите отпадок. Значи, точно треба да се знае кој производ, колкав процент емитува отпадни материјали, каде тие завршуваат и тој циклус или круг треба да биде затворен. Тука, на некој начин, политиката ги употребува јавните комунални претпријатија за дневна политика и за вработување партиски кадри. Циркуларна економија нема, освен индивидуални обиди како што се апаратите за пластични шишиња. Процентот на селекција на отпад е на многу ниско ниво – подвлече Ангелоски.

    Тој оцени и дека државна стратегија за зелена транзиција во земјава не постои или можеби има 100 000 формални стратегии, на хартија, од кои ниту една не е имплементирана, ниту е ставена во функција.

    – Ни претстои долг пат да се прилагодиме на европските нормативи, давање празни флоскули дека ќе влеземе во ЕУ без да исполниме ниту една мерка од европските нормативи мислам дека е илузија. Ден порано треба да се фокусираме на тоа европските нормативи да станат и македонски, да работиме по европски норми во Македонија ако сакаме да бидеме европска земја – рече Ангелоски.

    Конференцијата за зелено инженерство, одржливи материјали и технологии за циркуларна економија, како што рече деканот на ТМФ, Стефан Кувенџиев, е промоција и зајакнување на соработката меѓу научните институции и бизнис секторот во насока на креирање „зелени” и одржливи решенија во доменот на Зеленото инженерство и циркуларната економија, подобрување на иновацискиот индекс на земјата со директно учество на студентите и академскиот кадар од ТМФ и креирање „зелени” работни места од повисоките инженерски профили за поддршка на одржлив економски раст.

    За утре е најавен хакатон на кој ќе бидат презентирани студентски иновативни идеи за ревалоризација на био и индустриските отпадни материјали.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img