Со влезот во НАТО, Косово ќе има безбедносни гаранции, вели за Дојче веле германскиот експерт за Балканот Конрад Клевинг и оценува дека тогаш повеќе нема да биде потребно Србија официјално да го признае.
Запрашан дали е зголемена заканата за безбедноста на Косово и регионот на Западен Балкан, тој одговори дека нема посебна закана на краток рок, бидејќи КФОР како воена мисија под раководство на НАТО секако е во состојба да ја стабилизира ситуацијата.
„Но, гледам голем проблем во тоа што описот на задачите на КФОР, кој произлегува од резолуцијата на ОН од 1999 година, не ја вклучува одбраната на националната безбедност на Косово“, рече Клевинг.
„Затоа, треба да се направат напори да се најде навистина длабоко и стабилно решение за националните безбедносни потреби на Косово“, а тоа тој го гледа само во перспективата што ја обезбедува членството на Косово во НАТО.
Според Клевинг, Европската унија, за разлика од НАТО, не обезбедува безбедносен систем за своите членки.
Затоа тој смета дека „дијалогот меѓу Србија и Косово координиран од ЕУ не е соодветна мерка за трајно решение на спорот меѓу двете земји“.
На забелешката дека германската влада и ЕУ сакаат да се најде решение во договор со Србија, Клевинг возврати дека тоа е наивно.
Како што појасни, тоа фундаментално прашање не може да се реши со договор меѓу Србија и Косово, се додека Србија не сака да го признае Косово.
„Како мајка на косовските Срби или како заштитничка сила на косовските Срби, Србија има право да обезбеди косовската држава да не го загрозува постоењето на косовските Срби“, рече Клевинг.
„Но, она што Косово сака да го спроведе во овој случај не е закана за опстанокот на Србите“, оцени тој и изјави дека „Србија така го прикажува“.
Клевинг е експерт за Балканот во Институтот за Источна и Југоисточна Европа Лајбниц во Регенсбург.