По четиримесечното одложување поради штрајковите во Холивуд, американската телевизиска елита се обединува вечерва во Лос Анџелес на 75-тото доделување на наградите Еми, на кое серијата „Наследство“ (Succession) е голем фаворит.
Телевизискиот еквивалент на Оскарите обично се одржува во септември, но организаторите наместо тоа ја договорија оваа церемонија за јануари, верувајќи, очигледно со право, дека штрајковите на актерите и сценаристите дотогаш ќе завршат и дека најголемите ѕвезди повторно ќе можат да прошетаат на црвениот тепих.
Предвидувањата се јасни: со своите 27 номинации, серијата „Succession“ би требало да освои многу награди, вклучувајќи ја и онаа за најдобра драмска серија, која веќе двапати ја освои. Мошне фалената серија во продукција на ХБО го следи моќното и богато семејство Рој, на чело на медиумската империја, во нивните семејни расправии.
За најдобра драмска серија номинирани се и „House of the Dragon“, „Andor“, „Better Call Saul“, „Yellowjackets“, „The Crown“ и „The White Lotus“.
Тројца од шесте номинирани за најдобар актер во драмска серија доаѓаат токму од „Наследство“ – Киран Калкин, Џереми Стронг и Брајан Кокс. Сара Снук е фаворит за наградата за најдобра женска улога, а Метју Мекфејден, кој штотуку го освои Златниот глобус, за најдобра споредна машка улога во серијата, има добри шанси да го повтори успехот.
Серијата „Наследство“ се натпреварува за трофејот заедно со серијата „Последните од нас“ (The Last of Us) на ХБО, адаптација на истоимената видеоигра, која доби 24 номинации за најпрестижните телевизиски награди.
Острата шик сатира „Белиот лотус“ (The White Lotus) (23 номинации) може да се надева дека ќе освои Еми за најдобра споредна женска улога во драмска серија. Единствената ѕвезда која се врати во втората сезона на серијата, која овојпат се одвива во Италија, е Џенифер Кулиџ.
„Тед Ласо“, двократен добитник на Еми за најдобра серија, ќе се бори за наградата за најдобра комедија со „Abbott Elementary“, „The Marvelous Mrs Maisel“, „The Bear“, „Barry“, „Only Murders In The Building“, „Wednesday“ и „Jury Duty“.
Што се однесува до гледаноста на Еми наградите, таа е во голем пад веќе неколку години.