Една изборна единица, осум изборни единици или ќе си останат на сила актуелните шест изборни единици? Ќе се менува ли изборниот модел пред редовните парламентарни избори што треба да се одржат следната година?
Министерот за правда Кренар Лога веќе го започна процесот на измени на Изборниот законик со тоа што одржа средба со координаторите на најголемите партии во Собранието и од нив отворено побара поддршка за измените согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Утре стартува со работа работната група составена од експерти и политичари, која ќе расправа за менување на бројот на изборните единици. Прашање е дали оваа група ќе успее да изработи измени на Изборниот законик што би го минале со консензус собранискиот филтер најмалку 6 месеци пред избори, имајќи предвид дека во првата половина на следната година треба да се одржат претседателски и парламентарни избори.
Во работната група ќе има претставници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица и од Демократски сојуз.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека нема да учествува, иако партискиот лидер Христијан Мицкоски викендов отворено порача дека прифаќа воведување една изборна единица само доколку тоа го прифатат и партиите од власта.
Од СДСМ не даваат изјави на оваа тема, но како што се зборува во партиските кругови, партијата на Димитар Ковачевски наводно е подготвена да поддржи една изборна единица. Од партијата на Али Ахмети, ДУИ, прифаќаат промена на изборниот модел само доколку постои целосен политички консензус. Засега непознат е ставот на новиот коалициски партнер Алијанса за Албанците, иако не беше премногу одамна кога оваа партија бараше да се воведат дури 8 изборни единици.
Најголемиот дел од помалите владини партнери, пак, и понатаму се на ставот дека прифаќаат една изборна единица и отворени листи.
Опозицијата е „тврд орев“
Најголемата опозициска партија во земјава цврсто стои на одлуката да не учествува во работните групи, оти, како што велат оттаму, многу пати биле изиграни.
– Од принципиелни причини нема да учествуваме во работната група за промена на Изборниот законик, а што се однесува до препораките на ОБСЕ/ОДИХР, апсолутно се согласуваме. Можеби е добро вака со време да ја фатат работата, но ќе видиме дали ќе сработат нешто – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Интересна изјава викендов даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој порача дека неговата партија ќе поддржи една изборна единица само доколку таква поддршка пристигне и од партиите на власт.
– Во четвртата изборна единица се избира пратеник со 7.000 до 7.500 гласови, а во шестата со 5.000 до 5.500 гласови. За да се отстрани тоа треба да имаме една изборна единица и секој пратеник што ќе биде избран во македонското Собрание ќе биде избран со подеднаков број гласови. Јас апелирам до ДУИ и до Алијанса за Албанците да излезат во јавноста и да прифатат една изборна единица и нема потреба од национализам и иредентизам зашто секој граѓанин е еднаков пред Уставот и тие што гласаат во Тетово, Гостивар, треба да се исти со тие во Струмица, Василево и други општини. Затоа власта нека го прифати тоа, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени во Парламентот тоа да го поддржиме и да одиме на избори – рече Мицкоски.
Каде е клучот?
Воопшто нема потреба од формирање работна група за менување на бројот на изборни единици, смета лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.
Ако навистина постоела волја кај власта да се изгласаат реформите во Изборниот законик, посочува Трајанов, таа ќе го сторела тоа веднаш во Собранието.
– Ова е веќе видено сценарио, а беше најавено уште од претходниот министер за правда Никола Тупанчески. Законот за една изборна единица веќе 2 години е во Собранието, а оние кои го блокираат се СДСМ и ДУИ. Кај нив е клучот. Вазалскиот однос кон ДУИ на партиите од власта тоа го спречуваат, тука е целиот проблем – изјави Трајанов.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, не ја исклучува можноста за воведување „харе-квота“ како начин на пресметка на изборните резултати.
– Остануваме на заложбата за прекројување на сегашните шест изборни единици и воведување само една изборна единица. Ако повторно забележиме дека не постои расположение кај големите партии и ако повторно видиме дека топката си ја префрлаат едни на други, тогаш ќе инсистираме на воведување „харе-квота“ како начин на пресметка на изборните резултати. На тој начин би добиле слични резултати како во една изборна единица, затоа што „харе-квотата“ го пресметува вкупниот број гласови од шест изборни единици – ни изјави Зајкова.
Изборната формула „харе-квота“, според дефиницијата, се добива кога вкупниот број гласови во изборната единица се дели со бројот на мандати предвидени за таа изборна единица.
Според овој модел, бројот на гласови добиени од секоја партија се дели со изборната квота, при што се добива бројот на мандати што треба да ги добие секоја од партиите.
Во случај да останат нераспределени мандати, нив ги добиваат партиите со најголеми остатоци на гласови по првичното распределување на мандатите.
Ако нема консензус за една изборна единица, „харе-квотата“ би обезбедила пореална застапеност на помалите партии во Собранието.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, вели дека нејзината партија прифаќа воведување една изборна единица, отворени листи, но и 50% жени на листите за парламентарни и за локални избори.
– Ова е одлична шанса да се разговара и за промената на Изборниот модел – рече Морачанин.
Помалите партии бадијала тријат раце?
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски објаснува дека од евентуалното намалување на бројот на изборни единици најмногу ќе се офајдат помалите политички партии.
– Најмногу ќе добијат условно помалите политички партии, бидејќи досегашниот модел на шест изборни единици ги фаворизираше токму т.н. големи партии како СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Ова барање најчесто произлегуваше од помалите партии (ДС, ДОМ, ЛДП…), но тие иницијативи пропаѓаа поради подоцнежни разногласија. Партиите на помалите етнички заедници тогаш бараа задолжителни квоти за нивна партиципација во Парламентот, додека етничко политичките партии на Албанците не се согласуваа со една изборна единица, барајќи или три (ДУИ) или осум (Алијансата на Албанците). Искрено, јас сум скептик дека и оваа иницијатива на опозицискиот лидер ќе вроди со плод. И поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, пред неколку години го истакна истиот предлог како еден од главните предизборни ветувања, но никогаш не се реализираше поради немање внатреполитички консензус помеѓу доминантните политички партии – објаснува Атанасоски.
Многу поважно, според него, е да се воведат отворени партиски листи.
– Со отворените листи ќе се демократизираат тоталитарните партии и ќе се воспостави директна врска помеѓу граѓанинот-гласач и народниот избраник во Собранието. И во тој случај пратениците својот легитимитет ќе го црпат директно од својот електорат, а не посредно преку лојалност кон својот партиски лидер – вели Атанасоски.
Факт е дека малите партии би добиле едно до две дополнителни пратенички места во Собранието, за сметка на едно-две на големите партии
Сличен став дели и политикологот Димитар Христов, кој објаснува дека по дефиниција, со воведувањето на една изборна единица, најголема шанса за успех ќе добијат помалите политички партии.
– Сето тоа е одлично, но во супер демократски развиени општества, а не кај нас. Факт е дека малите партии би добиле едно до две дополнителни пратенички места во Собранието, за сметка на едно-две на големите партии. Во моменталната состојба, каде што голем дел од малите партии ја напуштаат владината коалиција, не верувам дека вакво нешто би им одело во прилог на СДСМ и на ДУИ. Во поглед на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно и таа би загубила еден до двајца пратеници. Е сега, ако во партијата на Христијан Мицкоски се надеваат на коалиција со помалите партии што би добиле еден до два пратеника, тогаш може да им излезе како добитна комбинација, но е премногу ризичен потег. Како и да е, едната изборна единица нема да смени ништо драстично туку само ќе доведе до нестабилни влади, намалена пропорционалност и премногу пазарења околу министерски места. Налик на политичката каша во којашто е заглавена соседна Бугарија – објаснува Христов.
Новаковски: Мора да има еднаквост на правото на глас
Претседателот на работната група и поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Новаковски, потсети на тоа дека ОБСЕ/ОДИХР забележува дека во земјава се повредува еден многу важен критериум, а тоа е еднаквоста на правото на глас.
– За да се стане пратеник во некои изборни единици се потребни помалку гласови, отколку во други. Значи, тоа прашање мора да се отвори. Нема бегање. Мислам дека прашањата треба да се отвораат, а да не се искомплицира. Треба со некои, на пример, барања кои не можеме да ги оствариме во тој рок. Изборите се во 2024 година, значи треба да се направи напор во текот на оваа година, веќе тие измени да бидат завршени – вели Новаковски.