More

    Една година од свирепото убиство на Вања Ѓорчевска

    spot_img

    Вања Ѓорчевска, невино, безгрижно 14-годишно девојче од Скопје точно една година не е меѓу живите – лани, на денешната дата, таа беше грабната од пред својот дом во 7.30 часот наутро и сурово убиена во околината на селото Бразда, два часа подоцна. Наместо да стаса на училиште, тој кобен понеделник на 27 ноември 2023 година таа заврши со куршум во главата, закопана во дупка среде пустелија, со план на убијците никогаш да не бидат пронајдени ниту телото, ниту вистината. Полицијата го лоцираше телото на Вања на 3 декември (недела), дури шест дена по грабнувањето, потрагата на нејзиното семејство доби ужасен крај.

    Една година по убиството на Вања, во Кривичниот суд во Скопје во тек е судењето на петмина обвинети за нејзиното грабнување и убиство – Љупчо Палевски Палчо, претседател на политичка партија Десна, тројцата негови соработници, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, како и на нејзиниот татко Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за помагање на грабнувањето. Обвинетите убијци за свирепото злосторство може да добијат казна доживотен затвор, ако Јавното обвинителство недвосмислено го докаже нивното грозоморно дело, а таткото Александар до деценија робија.

    Како можеле да убијат дете?

    Грабнувањето, па убиството на Вања ја остави македонската и целата балканска јавност во шок. Освен траорното сознание дека дете исчезна пред својот дом сред Скопје, среде бел ден, при разврската се нижеа шокирачки сознанија – дека е убиена, дека пред смртта страдала, возена во гепек, во вреќа, со врзани раце и нозе и со леплива лента на устата, со чувства на немоќ и неизмерен страв, па дека ја убил токму контроверзниот Палчо, лидер на партија, а нејзиниот татко помагал да биде грабната! Згора на тоа, убијците пет дена пред да го убијат девојчето, го киднапирале и го убиле 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, со цел да го земат неговиот цитроен и со возилото да ја грабнат Вања! Изгледаше како агонијата да нема крај – мотивот бил користољубие, за да изнудат пари од семејството, а првоосомничениот Палчо избегал во Турција! Првиот полицаец Оливер Спасовски, пак, побрза да го нарече Палчо монструм, наместо да одговори пред фрапираната јавност како полицијата цела седмица не го најде детето, зошто не е баран откуп за Вања, ако мотивот е користољубие. Или, пак, на прашањата дали Палчо имал дојава од полицијата дека истрагата се ближи до него, па навреме избега и зошто досега не одговарал за претходните кривични дела, со што Вања и понатаму ќе си беше со нас.

    Една година подоцна – ужалените семејства на Вања и на Панче и тажната и разочарана јавност сè уште чекаат одговори на многу тогашни и новоотворени прашања и со внимание го следат судењето, во надеж дека таму вистината ќе се покаже. Затоа што, засега на многу „лабави нозе“ се држи мотивот од обвинението дека киднаперите на детето сакале да бараат откуп, но го убиле поради паника откако се кренала потрагата – ниту е баран откуп, ниту во времето на убиството, околу 9.30 часот, имаше паника затоа што до пладне не се знаеше за исчезнато девојче, а според обвинението, дупката во која е закопана убиената Вања е ископана ден претходно!

    Судењето почна речиси една година по убиствата, во септември 2024 година, а за стартот се чекаше екстрадиција на првообвинетиот Палчо. По убиствата, на 30 ноември тој побегна во Србија и оттаму во Турција, каде брзо беше уапсен, па екстрадиран во мај 2024 година.

    На првото рочиште сите петмина се изјаснија за – невини, и покрај тоа што во истрагата тројца од нив имаат признание пред јавен обвинител! Впрочем, убиствата беа решени, а телата пронајдени благодарение токму на исказите на двајца од обвинетите – Влатко Кешишев на полицијата ѝ открил каде е телото на Вања, а Велибор Манев покажал каде е телото на Панче. Двајцата кажале дека во жртвите пукал Палчо, и тој, како нивен шеф,  смислил сè, па нивното изјаснување во судницата дека се невини на многумина им предизвика голема мачнина. Најверојатно играат на картата „недостиг на материјални докази“, со оглед дека полицијата сè уште не го пронашла оружјето со кое се извршени убиствата, а во мотивот за наводно користољубие веќе никој не верува, затоа што немало барање за откуп до семејството, ниту пак Вања е однесена на место каде би била чувана за размена, туку е ликвидирана од час до два часа по киднапирањето.

    Власта го мести Палчо, Палчо ги мести останатите

    Идејата да се турне обвинението како неосновано и без докази најмногу си ја турка првообвинетиот Палчо, но тој игра сам за себе, што е видливо и во судницата и во периодот пред судењето. Од притворот во Шутка тој испрати 5 писма во јавноста во кои тврди дека убиецот не е тој, туку Велибор Манев, а тој е жртва на местенка од власта. Во судница, пак, театрално се обидува да ги неутрализира сведочењата на полицајците кои учествувале во истрагата, со поплака дека се работи за политички мотивирано судење, со сугестии дека немаат материјални докази против него, како негова ДНК и слично. Но, засега не му успева, а дополнително, и сведокот што требаше да му даде алиби рече дека во деновите на убиствата на Панче и на Вања не бил со Палчо, туку се виделе следниот ден по смртта на Вања.

    Влатко Кешишев откако се изјасни за невин, втор пат проговори во судница на последното рочиште, кога даде изјава дека Палчо во затворско комбе му дал писмо и му наредил да го препише и да го прати во Судот, што Кешишев и го направил – од страв. Во тоа изјава Кешишев пишува дека за време на убиствата Палчо спиел во штабот, а тој го посочил како извршител, исто така, од страв, затоа што Велибор Манев му рекол дека ако не кажат така, „ќе ги здробат“. Но, стравот на Кешишев од Палчо наеднаш исчезна и на последното рочиште тој рече дека ја повлекува изјавата.

    Велибор Манев, пак, исто како и Боре Видевски, освен што се изјаснија за невини, досега не проговорија пред Судот. Ретко во судницата нивните адвокати се јавуваат за дополнителни или за вкрстени прашања до сведоците, за разлика од адвокатите на Палевски и на таткото Ѓорчевски, кои се многу активни во одбраната на нивните клиенти. Манев на првото рочиште си го криеше лицето од камерите. Видевски, пак, во октомври една недела беше на лекување на Клиниката за нефрологија.

    Како е вмешан таткото Александар? 

    Најголема мистерија меѓу многуте мистерии во овој ужасен случај е улогата на таткото Александар. На почетокот и тој се изјасни за невин и рече дека „живее за денот и ќе помогне пред Судот со име и презиме да се откријат сите вмешани во случајот, за да може потоа да биде со Вања“. Според Обвинителството, тој му дал податоци на Палчо кога Вања ќе оди на училиште во критичниот ден. Одбраната негира и тврди дека токму Александар, неговиот пријател Гоце Трајковски, мајката на Гоце, Кираца Трајковска и други роднини на семејството на Вања во нивна приватна истрага го решиле случајот и им помогнале на полицајците. Блиските на Александар сведочеа дека тие уште во првите денови собирале снимки од околните камери и на нив го забележале цитроенот со кој е грабната Вања и возилото им станало сомнително, за што ја алармирале и полицијата. Кираца Трајковска дури рече и дека по интуиција сфатила дека сомнителниот цитроен е на исчезнатиот велешанец Панче, за кој се пишувало, и помислиле дека тој ја киднапирал Вања. Но, иако сите велеа дека Александар и Гоце активно воделе своја истрага, ниеден не рече дека сфатиле дека сомнителниот цитроен е веќе лоциран од полицијата како запален кај Бразда и тоа истиот ден кога е убиена Вања. Го поврзале цитроенот со Вања, но не поврзале дека возилото е запалено, туку мислеле дека Панче е педофил и тој ја грабнал.

    Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска е категорична дека против сите обвинети имаат цврсти материјални докази за делата за кои ги товарат. По сведоците следува изведувањето на доказите пред Судот, а потоа ќе настапи одбраната со свои сведоци и со искази на обвинетите.

    Токму исказите на обвинетите се она што јавноста со нетрпение го очекува, за да го склопи мозаикот до крај и да си одговори на низа нерасчистени прашања, од кои најважните се – зошто е убиен Панче и зошто е убиена Вања. Кој и кога ја копал дупката во која го закопале телото на детето. Од каде им е идејата да бараат откуп за неа, колку пари планирале да побараат за Вања, од кого ќе барале пари и како планирале да ги поделат? Нели се исплашиле тројцата откако нивниот шеф го убил Панче и зошто продолжиле слепо да го следат Палевски во неговите крвави планови во ново убиство – овој пат на дете? Каде е оружјето со кое се убиени Вања и Панче? Зошто го запалиле цитроенот на Панче кај Бразда и во него го оставиле телефонот на Вања, дали со тоа инсценирале полицијата да поверува дека всушност Панче ја киднапирал Вања и се надевале дека никогаш нема да бидат откриени телата? Каква и колкава е улогата на таткото Александар? Има ли и други вмешани во убиствата? Има ли и други убиства?

    Под површината на овие очигледни прашања лежат и други, подлабоки прашања, со оглед на поврзаноста на актерите во минатото, имотно-правните односи во богатите семејства на таткото и мајката на Вања, нерасчистените политички и бизнис долгови на Палевски, релациите во политичкото подземје, фактот дека и Палчо ги има „бомбите“ што ги пукаше експремиерот Зоран Заев, а власта и целата јавност го знаат тоа, итн. Сето ова и нејаснотиите околу мотивот на убиството на Вања, кое е едно од најтешките убиства во поновата историја на Македонија, оставаат голем сомнеж во јавноста дали вистината ќе биде откриена до крај.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img