Единаесет лица со кои контактирала хоспитализираната вработена на Инфективната клиника се ставени под 14-дневен надзор, откако кај неа била констатирана конго-кримска хеморагична треска, информира денеска Рената Младеновска, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
– По добиена информација од Институтот за јавно здравје, веднаш истиот ден на 5 август, екипа на епидемиолози од Центарот за јавно здравје – Скопје изврши епидемиолошки увид, земени се анкети и контакти. Информацијата е споделена со ДСЗИ и ние како институција издадовме уште 11 решенија, односно тоа се контакти на веќе хоспитализираната пациентка која што е и вработена на Клиниката за инфективни болести. Тие 11 контакти ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор – соопшти Младеновска.
Таа појасни што подразбира здравствениот надзор.
– Пациентката односно контактите ќе треба да се јавуваат и да бидат во постојан контакт со дежурниот епидемиолог од Центарот за јавно здравје – Скопје. Тоа не е класична изолација, меѓутоа не треба да имаат контакт со останатите и со потесното семејство, едноставно да издржат овие 14 дена да не се прошири оваа зараза. Јас се надевам дека ова ќе биде последен случај. Што се однесува до претходните 29 контакти, од нив една се потврди како случај. Вкупно имаме решенија за здравствен надзор над 40 луѓе – рече Младеновска.
Запрашана дали овие 11 се сите од Инфективна клиника или од семејството на вработената, Младеновска појасни дека од нив, десет луѓе се од потесното семејство на пациентката и еден контакт е колешка од Клиниката за инфективни болести.
Претходно, претседателот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ рече за МИА дека Комисијата апсолутно стои зад сето тоа што е направено од страна на Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат.
Oд она што го виделе, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.
Во првиот случај со директно заразување, почина 27-годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж.
– Болничарката од Клиниката за инфективни болести, која се зарази со конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) од 27-годишната жена од Штипско која почина на 30 јули по убод од крлеж, засега е во стабилна состојба, нема крварења, но оваа болест си има еволуција и се следи секој момент – рече денеска прим. д-р Добринка Наунова-Јовановска од Клиниката.
Д-р Наунова-Јовановска појасни дека оваа болест се карактеризира со излачување многу секрет и многу крварења, и дека не се пренесува по воздушен пат, преку аеросоли, како што беше со ковид-19.
– Болничарката била трета смена кога ја негувала пациенткта од Штипско, која имаше многу крварења. На Клиниката носиме заштита, но веројатно при вадење на ракавиците, маската, прснало во очите, во слузницата. Сѐ е можно кога има толкава количина заразен материјал. Таа е веќе 5. ден болна, се следи да не дојде до влошување. За оваа болест е важна супортивна, заменска терапија, да се надокнадува сѐшто се губи. Првите денови од болеста не се толку лоши, потоа се влошува и затоа се следи состојбата. Се надеваме дека ќе остане во таква состојба, но ќе видиме – рече д-р Наунова-Јовановска.
Откако на 30 јули почина жената од Штипско, Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) издаде решенија за изолација за 29 контакти, а само болничарката пројави симптоми. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до 10 август.