„Начинот на кој Бугарија се однесуваше кон Северна Македонија беше срамен. Софија повеќе нѐ подели отколку што не обедини. Се надевам дека тоа сега ќе се промени“.
Вака изјавил албанскиот премиер Еди Рама за германскиот весник „Франкфуртер рундшау“. Рама заедно со македонскиот премиер Димитар Ковачевски утре ќе отпатува во Брисел каде ќе се одржат меѓувладини конференции на Албанија и на Македонија со Европската Унија.
На прашање за отворањето на преговорите Рама рекол дека „ нашето трпение е неисцрпно на оваа тема, бидејќи немаме друг избор. Навикнати сме на тоа“.
Според албанските медиуми францускиот предлог предвидува надминување на разликите меѓу Скопје и Софија во однос на македонскиот јазик, идентитетот и историското минато, додека бугарската страна „бара од македонската страна да го вклучи бугарското малцинство во Преамбулата на уставот, како рамноправно со другите народи“.
Американскиот Топ Чанел го пишува следното:
„Северна Македонија утре во Брисел ќе ја одржи и првата Меѓувладина конференција со ЕУ, на која премиерот Димитар Ковачевски ќе ја прочита воведната изјава на македонски јазик. Потоа започнува верификацијата која ќе трае година и пол и по завршувањето на тој процес се планира следната меѓувладина конференција со која ќе се заврши фазата на отворање на преговорите за членство, а нејзиното одржување е условено со измените во Уставот“, наведува медиумот.
Албанската, 25-члена владина делегација, која ја предводи премиерот Еди Рама, утре ќе отпатува за Брисел. Покрај другите во делегацијата ќе бидат и министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка, главниот преговарач Зеф Мази, како и други претставници вклучени во овој процес.
Средбата ќе трае 90 минути, а по неа ќе има прес-конференција. Делегацијата на ЕУ ја предводи чешкиот министер за надворешни работи, чија земја претседава со ЕУ, како и високиот претставник за надворешни работи Жосеп Борел и комесарот за проширување Оливер Вархеји, кои силно го поддржаа одржувањето на оваа конференција.
Албанија доби статус на земја кандидат во јуни 2014 година, иако во март 2020 година Европскиот совет одлучи да ги отвори преговорите за нејзино членство, но мораше да чека уште две години, иако некои земји сакаа да ги видат Тирана и Скопје заедно кон Европската Унија.