More

    Две сценарија за „политички атентат“ врз Мицкоски што можат да го спасат СДСМ од катастрофален пораз

    spot_img

    Подготвуваат ли СДСМ и ДУИ таен бојкот на претседателските избори, коишто треба да се одржат во март или во април идната година?

    Неофицијално се шпекулира дека ваква пролетна политичка „турлитава“ веќе се крчка во партиските кујни на Бихаќка и во Мала Речица, а целта на „готвачите“, наводно, е излезноста на првиот круг на претседателските избори да биде под 40%, со што,  практично, земјата ќе остане без политички избран врховен командант, со оглед на тоа што мандатот на Стево Пендаровски официјално ќе заврши на 12 мај.

    Тоа би значело дека актуелниот собраниски спикер Талат Џафери на неодредено време би ја презел функцијата претседател на државата, бидејќи Уставот не предвидува рок до кога мора да се распишат новите претседателски избори, ако не се исполни цензусот.

    „Доколку и во вториот круг од гласањето ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“, се вели во во членот 81 од Уставот.

    Џафери, коментираат нашите извори, би можел да се задржи дури и неколку месеци во претседателската вила на Водно, а интересно е тоа што во истиот тој период ќе се формира и т.н. Пржинска влада во пресрет на парламентарните избори, кои најрано би се одржале на 5 мај идната година.

    Тоа значи дека земјава ќе ја води премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот на актуелната влада, по што трите највисоки функции во државата – претседател на државата, премиер и претседател на Собранието – пак ќе ги извршуваат Албанци.

    Уште поинтересно е тоа што освен трите највисоки државни функции, на своите позиции најверојатно ќе останат и првиот вицепремиер, актуелниот вицепремиер за економски прашања и актуелните министри за надворешни работи, за финансии и за економија – сите Албанци и сите освен сдсмовецот Фатмир Битиќи, кадри на ДУИ.

    Партијата на Али Ахмети ќе може да се пофали дека никогаш во историјата Албанците, благодарејќи нему и на ДУИ, немале ваква целосна доминација во извршната власт во Македонија.

    Што добива СДСМ од бојкотот на изборите?

    И самиот партиски лидер Димитар Ковачевски, како и поголемиот дел од највисокото партиско раководство на владејачкиот СДСМ, се веќе свесни дека нивните кандидати ќе доживеат неуспех на претседателските и на парламентарните избори, коментираат искусни политичари со коишто разговараше Плусинфо.

    ИАКО СДСМ И ДУИ ЌЕ ИМААТ СВОИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТИ, ПА И ДВЕТЕ ПАРТИИ ЈАВНО ЌЕ ВОДАТ НАВИДУМ СИЛНА КАМПАЊА ЗА ДА ГО ПРЕТСТАВАТ СВОЈОТ КАНДИДАТ ВО НАЈДОБРО СВЕТЛО, СЕПАК, ВО ЗАДНИНА ЌЕ СЕ ОДВИВА ТАЕН БОЈКОТ И ЧЛЕНСТВОТО ПРАКТИЧНО ЌЕ ДОБИЕ НАРЕДБА ДА НЕ ИЗЛЕЗЕ НА ГЛАСАЊЕ СО ЦЕЛ ДА НЕ СЕ ИСПОЛНИ ЦЕНЗУСОТ ОД 40%.

    А кога веќе знаат што ги чека по изборите, додаваат тие, тогаш не им преостанува ништо друго освен да кренат раце од борбата за нова власт и да се сконцентрираат најмногу на тоа како да ја спречат ВМРО-ДПМНЕ да формира влада откако би победила на изборите.

    – Целта на СДСМ повеќе не е да победи на парламентарните избори. Сите анкети покажуваат дека тоа не е возможно. Дури и евентуалната победа на кандидатот на СДСМ на претседателските избори нема да може да ја доведе СДСМ во позиција да биде водечка сила по парламентарните избори, со шанса да го добие мандатот за состав на новата влада. Затоа, целта на СДСМ е да се спречи ВМРО-ДПМНЕ, партијата која е извесен победник на парламентарните избори, да формира политичка влада. За да се случи тоа, пак, потребно е да се бустира рејтингот на ДУИ, за таа партија да биде апсолутен победник во албанскиот политички блок. Во таков случај, по принципот „победник со победник“, ВМРО-ДПМНЕ би морала да коалицира со ДУИ. Се смета на отпорот Христијан Мицкоски во иднина да ја дели извршната власта со Али Ахмети. Исходот на ова сценарио би бил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да биде присилен да прифати учество во една широка владина коалиција, во која Мицкоски можеби би ја добил премиерската фотелја, но би немало поразени, бидејќи освен за ДУИ, во таа широка влада би имало место и за СДСМ – објаснуваат нашите добро упатени соговорници.

    Во поглед на потенцијалните кандидати за претседател од СДСМ, засега најчесто се спомнува актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој би се борел за нов мандат, но и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Како што дознаваме, за поранешниот партиски лидер и премиер Зоран Заев актуелниот прв полицаец е фаворит за кандидат за претседател.

    Од друга страна, во анкетите Пендаровски подобро котира од Спасовски, што ги усложнува приликите во СДСМ. Затоа, останува  неизвесно кој од нив двајцата ќе и ќе се кандидира за претседателски кандидат на СДСМ.

    – Точно е дека Пендаровски бележи подобри резултати од Спасовски во анкетите. Но, прашање е како тој ги проценува своите шанси, особено ако во позадина се кова вакво сценарио. Оливер Спасовски, пак, никогаш не би прифатил да се кандидира за претседател доколку проценува дека постои шанса да изгуби. Дотолку повеќе што Спасовски не е наивен и многу добро знае дека поддршката од Заев е налик на „јудин бакнеж“. Имено, ако Спасовски победи, ќе му биде должник на поранешниот лидер. Ако, пак, изгуби, Заев нема да ја пропушти шансата да го обвини за неуспехот и да му ги намали така амбициите за освојување на челното место во СДСМ. Секоја сериозна анализа на политиките на оваа партија секогаш мора да тргнува од фактот дека за партиските кадри секогаш е најважна битката за тронот на Бихаќка – објаснуваат нашите извори.

    Што ако ВМРО-ДПМНЕ победи, а не може да формира влада?

    Претседателскиот кандидат кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг ќе има најмалку 100.000 гласови повеќе од кандидатот на СДСМ, истакна Христијан Мицкоски, кој призна дека искрено стравува од воведување на земјава во уставна криза доколку не биде исполнет цензусот.

    Искрено стравувам од воведување на земјава во уставна криза доколку не биде исполнет цензусот на претседателските избори.

    Христијан МицкоскиВМРО-ДПМНЕ

    – Затоа сум загрижен дека ќе има демотивација кај СДСМ и кај нивните коалициски партнери кои се дел од албанскиот блок. Се плашам дека тоа може да нѐ воведе во уставна и во политичка криза поради неисполнување на цензусот – рече Мицкоски.

    Затоа, како што посочи тој, апелирал да се одржи лидерска средба, која може да ја организира и претседателот на Собранието и додаде дека е подготвен на таква средба да оди во секое време, да ги аргументира своите ставови и да се фиксираат датумите за претседателските и за парламентарните избори.

    Сепак, најголемата опасност за воведување на државата во уставна криза има доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори, а не може да формира влада. Проценките се дека партијата на Мицкоски на следните избори би освоила околу 53+ мандати, додека партијата на Ковачевски околу 25 пратенички места. Некои анкети велат дека ДУИ би освоила најмалку 15 мандати.

    – ВМРО-ДПМНЕ нема да може да формира влада без партнер од албанските партии, но со оглед на непишаното правило „победникот кај Македонците коалицира со победникот кај Албанците“, најверојатно тој ќе биде принуден да му подаде рака со Ахмети. Проблемот е во тоа што ДУИ, по претходен договор со СДСМ, можеби нема да сака да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Во постизборната трговија цената на ДУИ ќе порасне до плафон, а Ахмети знае да извлече максимум во ситуација кога адутите се во негови раце. Прашањето коешто ќе го измачува Мицкоски тогаш, а можеби и сега размислува за тоа, е дали за него и за ВМРО-ДПМНЕ е поисплатливо да ја плати таа висока цена и да влезе во ризичната коалиција со ДУИ или да ја прифати комотната позиција на премиер на широка владина коалиција, во која со СДСМ ќе ја сподели одговорноста за тешките политички одлуки што претстојат – велат нашите добро упатени извори.

    На СДСМ црно му се пишува

    На оваа тема разговаравме и со политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој смета дека меѓународната зедница нема да дозволи да не се избере претседател на Македонија.

    – Евентуалното бојкотирање на претседателските избори за да не биде исполнет цензусот од 40% и да не се избере шеф на државата само дополнително ќе докаже колку е власта неспособна. Неизбирањето претседател ќе претставува невидена катастрофа за Македонија. И јас ги слушнав проценките дека на следните парламентарни избори СДСМ би освоила околу 25 пратеници, но сметам дека станува збор за небесно високи и нереални проценки. Мојата проценка е дека партијата на Димитар Ковачевски нема да освои повеќе од 12 пратеници, а и тоа е под знак прашалник. Прво, поради силината на новоформирана партија ЗНАМ на Максим Димитриевски, која ќе го собере целиот демократски блок на Македонци кои се разочарани од СДСМ, а кои не сакаат да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Второ, не верувам дека тајниот бојкот на изборите би му го подметнале на Оливер Спасовски доколку тој биде кандидат за претседател, бидејќи тоа само дополнително ќе ја уништи партијата. И трето, кога ќе излезат официјалните резултати од парламентарните избори, повторно ќе сфатиме дека буквално сите се желни за власт – објаснува Пекевски.

    На прашањето дали партијата на Ахмети би одбила коалицирање со партијата на Мицкоски, тој вели дека во политиката ништо не се одбива однапред, бидејќи за сѐ постои пазар.

    Доколку навистина се случи главните државни функции да ги преземат Албанци во периодот по евентуалните неуспешни претседателски избори, тоа ќе значи дека 99,9% од Македонците ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори

    Синиша ПекевскиПолитички аналитичар

    – Не постои тоа правило дека една партија нема да коалицира со друга партија во корист на трета партија. Нема дилема дека секој е желен за власт и дека ќе се направи коалиција, без разлика на цената што треба да ја плати победникот. Друго беше во 2017 година, кога ДУИ беше принудена да коалицира со СДСМ, иако сакаше да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа веќе нема да се случи. Еднаш се излизгаа, се изгореа на млекото, па сега дуваат и на јогуртот. Сепак, јас не би се потпрел на проценката дека ДУИ е сѐ уште најголемиот политички фактор кој ќе влијае врз формирањето на владата. Мицкоски пред некој ден рече дека стравува од уставна криза, но сепак јас мислам дека тој само го опипува пулсот и сака да види како граѓаните ќе реагираат на тоа – вели Пекевски.

    Последна и најмалку веројатна опција, додава тој, доколку навистина се случи главните државни функции да ги преземат Албанци во периодот по евентуалните неуспешни претседателски избори, ќе значи дека 99,9% од Македонците ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори и со тоа ќе се запечати дилемата дали актуелната власт на чело со СДСМ е предавничка.

    Се спрема ли и „политички атентат“ врз Мицкоски оваа есен?

    Се разбира, сите вакви сценарија и компликации можат да се спречат на два начина. Или врз Христијан Мицкоски и врз ВМРО-ДПМНЕ да се изврши жесток притисок да гласаат за уставните промени и така да го намалат тешко спечалениот кредибилитет во очите на патриотски настроените Македонци (дополнително „патриотизирани“ под притисокот на Софија и на Брисел), или СДСМ сепак да се согласи претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно, што ќе ја подигне излезноста на изборите на највисоко ниво. Проблемот е што во вториот случај, ВМРО-ДПМНЕ останува фаворите за голем победник на изборите.

    – Во кулоарите постојано се зборува и за едно второ сценарио за политичка разврска, кое би се случило оваа есен. Тоа е сценарио за своевиден предвремен „политички атентат“ за елиминација на Мицкоски од кормилото на ВМРО-ДПМНЕ. Со јавната пресметка со поранешниот лидер Никола Груевски, Мицкоски очигледно се обиде да превенира едно такво сценарио. Тоа се уште не мора да значи дека Груевски имал или и понатаму има планови за враќање на Македонија на „бел коњ“, но Мицкоски го следеше својот политички инстинкт и нападна прв. Но, во кулоарите се шпекулира дека СДСМ има и други тајни адути во рацете – анализираат нашите извори.

    Имено, се зборува дека Заев, кој насмеан дојде на Бихаќка на сликање со Ковачевски и со стратешкиот тим на СДСМ, можеби се уште има скриени неактивирани „бомби“ во арсеналот, кои би можеле да го погодат Христијан Мицкоски. Од друга страна, се зборува дека има и други ризници на нелегално прислушувани разговори, а некои од нив би можеле да го погодат и ДУИ. Не би било уште оваа есен да почне „бомбашка кампања“ за дискредитација на политичките противници.

    – Сепак, секој што сака да почне една ваква кампања треба да знае две важни работи. Од една страна, меѓународниот фактор нема благонаклонето да гледа на некакви нови „бомбардирања“, бидејќи и во претходната кампања се направија преголеми штети. Од друга страна, прашање е колку една таква кампања би била успешна. На неколку месеци пред изборите, граѓаните со право на глас веќе имаат одлучено дали ќе излезат на гласање и ако излезат, за кого ќе гласаат. Само некаква голема безбедносна криза, или не дај боже војна, може битно да го промени изборното расположение – велат добро упатените извори.

    Многу датуми се во игра

    Ако знаеме дека мандатот на актуелниот претседател на државата започнал пред 5 години на 12 мај со инаугурација, тоа значи дека петте години истекуваат на 12 мај годинава, вели собранискиот спикер Талат Џафери.

    – После 60 дена од тој мандат, сметајќи од 12 мај наназад, се совпаѓа со 14 март, што значи дека прв можен ден за гласање на наредните претседателски избори е 14 март и кој било друг ден понатаму, а да не се загрози крајниот рок за вториот круг на избори имајќи предвид дека има два круга. Ако првиот ден би бил 14 март – прв круг, последователно по 14 дена ако одите да одржите втор круг, последниот можен термин за вториот круг, а да сте во рамките на последните 60 дена, е од 5 мај до 8 мај, затоа што по завршување на избори 48 часа е жалбената постапка додека не се потврди конечноста на гласањето. Тие би биле 9 и 10 мај, 11 мај останува за подготовка за инаугурација на 12 мај. . Меѓутоа, тоа е веќе цајтнотот – објаснува претседателот на Собранието.

    Собранието не може да работи по распуштањето на Собранието, така што ако има потреба за повторување на претседателските избори, ќе нема кој да го направи тоа.

    Талат ЏафериПретседател на Собрание

    Прашањето што се поставува, вели Џафери, е што ако не се избере претседател.

    – Ако не се избере има пропишана постапка за повторување на избори соодветно со постоечкиот закон и со Уставот, така што тоа не е спорно – додава тој.

    Во иста година имаме и парламентарни избори, а редовниот термин за парламентарните избори е во последните 90 дена од мандатот од четири години и тој мандат не може да се продолжи, освен во воена и во вонредна состојба.

    – Четирите години мандат на овој состав истекува на 4 август кога е конституиран последниот состав на Собранието. Од тој ден почнува првиот ден и последниот е 4 август. Бидејќи се врши изборот во последните 90 дена од мандатот, од 4 август кога ќе одите наназад 90 дена, доаѓаме до 5 мај. Прв ден што може да се гласа за парламентарни избори е 5 мај, бидејќи е еден круг. Последен ден за гласање за парламентарни избори во редовен термин е 15 јули. Зошто? Затоа што од гласањето за парламентот во рок не подолг од 20 дена од претседателот на Собранието во заминување треба да се свика конститутивна седница. Ако тој тоа не го направи најдоцна 20-от ден од гласањето, 21-от ден се собираат пратениците, најстариот пратеник свикува конститутивна седница и врши конституирање на Собранието. Така што, ова се роковите коишто се јасно одредени – нагласува Џафери.

    Претседателот на Собранието потенцира дека секој термин пред 5 мај гласање за парламентарни избори се смета за предвремени избори и за тоа има друга процедура.

    – Кој било друг датум да е во опција пред 5 мај претходно треба да има други постапка, во смисла на Пржинска влада, во смисла на распуштање на Собранието и овие две работи треба да се имаат предвид – рече Џафери.

    Тој посочува дека Собранието не може да работи по распуштањето, така што ако има потреба за повторување на претседателските избори, ќе нема кој да донесе одлука за тоа тоа.

    Како се прави Пржинска влада – кој и што добива?

    Фото: Влада

    Пржинската влада предвидува да се избере нов министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика на предлог на опозицијата со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието на Република Македонија.

    Оваа Пржинска влада предвидува и дополнителни заменици министри за надворешни работи и на труд и социјална политика предложени од владејачката партија. На предлог на опозицијата ќе има дополнителни заменици министри за финансии, за земјоделство и за информатичко општество.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img