Две ракети синоќа паднаа во близина на приватната резиденција на премиерот Бенјамин Нетанјаху во градот Цезареја, во центарот на Израел, соопштија безбедносните служби и го опишаа како „ сериозен случај“.
„Околу 19:30 часот (по локално време), две ракети паднаа во дворот пред премиерската резиденција“, се вели во заедничкото соопштение на полицијата и израелската разузнавачка служба Шин Бет.
„Премиерот и неговото семејство не беа во куќата“, додаваат службите, оценувајќи дека станува збор за „опасна ескалација“.
Не е прецизирано од каде биле истрелани ракетите.
На 22 октомври, беспилотно летало ја погоди резиденцијата на Нетанјаху. И тогаш премиерот на Израел не беше во својот дом, но го обвини движењето Хезболах, против кое војува во Либан, дека се обидуваат да го убијат него и неговата сопруга. Три дена подоцна Хезболах објави дека тој го извршил нападот.
Полицијата уапси три лица кои се осомничени за нападот
Израелската полиција соопшти дека уапсила три лица во врска со синоќешните лесни ракети во вилата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во крајбрежниот град Цезареја, соопштија денеска израелската служба за безбедност Шин Бет и полицијата.
Синоќа беа уапсени тројца осомничени за нивната вмешаност во инцидент што се случи во Цезареја и централниот дел на земјата, се вели во соопштението и се додава дека судот забранил објавување информации за истрагата и идентитетот на осомничените во рок од 30 дена. Израелските медиуми објавија дека еден од уапсените е висок воен резервист.
Надлежните укажаа дека премиерот и неговото семејство не биле во резиденцијата во моментот кога биле испукани двата ракети. Немаше повредени.
Полицијата не објави детали за идентитетот на осомничените, но властите посочија дека тие најверојатно се домашни политички критичари на Нетанјаху. Израелскиот претседател Јицак Херцог го осуди чинот и предупреди на алармантен тренд на „зголемување на насилството во јавната сфера“.
На видеото кое на социјалните мрежи го објави репортер на јавниот сервис Кан, се гледа дека лесните ракети се истрелани во воздух над домот на премиерот, а не кон него. Една ракета очигледно не функционирала и веднаш паднала на земја.
Нетанјаху со месеци беше предмет на масовни протести поради неговото справување со заложничката криза што уследи по нападот врз Израел на 7 октомври од страна на палестинското движење „Хамас“ што ја поттикна сè уште немилосрдната војна во Појасот Газа.
Критичарите го обвинуваат Нетанјаху за безбедносен неуспех што овозможил нападот да се случи и дека поради него не може да се постигне договор за ослободување на десетиците израелски граѓани кои се уште се држат во заробеништво во Газа.
Минатиот месец дрон лансиран од либанското шиитско движење Хезболах ја погоди резиденцијата на Нетанјаху во Цезареја, но дури и тогаш тој и неговото семејство не беа таму.