Две лица се спасени од водата, а едното е во „многу тешка состојба“, изјави шефот на противпожарната служба во Балтимор, Џејмс Валас, по несреќата што се случи утрово кога за неколку секунди се урна мостот Ки откако во него удри товарен брод.
Тој рече дека првата противпожарна служба пристигнала на местото во 1:50 часот и пријавила „целосен колапс“ на мостот Ки. Според извештаите, во моментот на уривањето на мостот имало повеќе луѓе.
– Две лица се спасени од водата. Едното лице одбило грижа, а другото е пренесено во болница во многу тешка состојба – соопшти Валас.
Спасувачите нагласуваат дека во ледената вода сè уште има многу луѓе, и дека операцијата продолжува, поради што е прогласена вонредна состојба.
Шефот на полицијата вели дека имало извештаи за ширење на мирис на дизел гориво, но тој не мисли дека тоа значи дека нафтата се излеа во реката.
– Се надеваме, дека во текот на денот ќе добиеме многу подобра слика за тоа дали има излевање гориво и какво било влијанието досега – истакна тој.
Од полицијата соопштија дека нема индиции дека се работи за тероризам.
– Апсолутно нема индикации дека се работи за тероризам – рече началникот на полицијата и додаде дека нема ништо што укажува дека ударот на бродот на мостот бил намерен.
Од друга страна, градоначалникот на Балтимор, Брендон Скот, истакнува дека приоритет е да се спасат луѓето од водата.
– Нашиот сензор откри присуство на возила потопени во водата – рече началникот на полицијата во Балтимор, додавајќи дека не може да го потврди бројот на возила кои биле на мостот за време на инцидентот.
На полицијата и е кажано дека некои работници сè уште се на деловите од мостот кои не се урнати, но тоа допрва треба да го потврди. Според првичните сознанија на мостот имало најмалку 20 луѓе кои работеле на конструкцијата и по кои сè уште се трага.
Мостот Френсис Скот Ки е долг 2,6 километри и е извор и главна врска со пристаништето Балтимор. Ја премостува реката Патапско, отворен е во 1977 година и е именувана по авторот на американската химна Star Spangled Banner. По мостот кој утрово се урна, годишно минуваат околу 11,5 милиони возила.