Двата пожара кои горат во Хрватска, во сплитско-далматинската жупанија, во Тучепи и во Вршине кај Трогир, сѐ уште не се изгаснати, потврдија во Противпожарниот и оперативниот центар на сплитската жупанија.
Во Тучепи 306 пожарникари со 77 возила од вторникот вечерта се обидуваат да го изгаснат пожарот, кој поради ветерот го зафати паркот на природата Биоково, а стигна и до Подгора, каде што жителите во текот на ноќта беа евакуирани.
Таму досега изгореа околу 400 хектари макија, ниска вегетација и борова шума.
Од вчера попладне гори и во Врсине кај Трогир. Пожарот зафатил површина од околу 500 хектари.
Огнот синоќа бил на 20 метри оддалеченост од куќите во Подгора, каде биле евакуирани туристи. Огнените јазици биле со висина од 30 метри, а локалните жители биле приморани да останат во своите станови и да ги бранат со вода од црева.
Градоначалничката на Подгора, Петра Радиќ во изјава за Н1 кажа дека го предупредиле населението да ги затвори прозорците од своите домови и да ги исклучат климите.
– Количествата чад се огромни, ги предупредивме луѓето да користат маски. Очекуваме чадот да се повлече, воздушната поддршка во 11 часот ќе започне со наводнување на природниот парк Биоково. Повеќето луѓе се вратија во своите домови а струјата дојде синоќа околу 2 часот – рече градоначалничката.