Полицијата вчера го уапси 18-годишниот Б.А. од село Студеничани, скопско, кој беше баран по централна потерница под сомнение дека на 28 август годинава, околу 04.00 часот на ул. „Градиште“ во Стара чаршија во Скопје, заедно со малолетник од село Моране, скопско, предизвикал пожар во угостителски објект.
Малолетникот бил уапсен веднаш, а по другиот осомничен се трагаше. Во домовите на двајцата биле извршени претреси, при што биле пронајдени предмети кои се поврзуваат со кривичното дело.
Против двајцата беше поднесена кривична пријава, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општа сигурност“ во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност“, информира МВР.
Б.А. е изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор од 30 дена, по што бил спроведен во Казнено-поправна установа Затвор – Скопје за издржување на мерката притвор.
Според објавените вести за пожарот од август годинава, како и објавеното видео направено од граѓани, биле опожарени две ќебапчилници во Старата скопска чаршија, а зафатен бил и соседен ресторан. На снимките се гледаат две лица со фантомки, како се приближуваат до објектот со шишиња во рацете, најверојатно молотови коктели, а по неколку секунди избива силен пожар.
Од МВР нема информација за мотивот на двајцата младинци да го подметнат пожарот.
Дел од дуќанџиите во турската чаршија претпоставуваа дека станува збор за случај на изнуда, во кој соспствениците не сакале да плаќаат рекет. Друга претпоставка беше дека станува збор за одмазда.