Двајца прилепчани, татко и син синоќа загинаа во пожар што избувнал во нивниот семеен дом на улицата „Цане Илиоски број 87а“ во Прилеп. Пожарот во надлежните служби бил пријавен синоќа околу 21,45 часот. – Околу 22 часот синоќа добивме пријава за пожар за запалена куќа на улицата Цане Илиески број 87а“.
– За гаснење на пожарот интервениравме со три возила и девет пожарникари. Опожарени беа дел од катот на куќата – дневна просторија и кујна. Затекнато е едно изгорено лице, а другото лице, задушено од чадот извлечено е надвор од куќата и предадено на службата за Итна помош каде е констатирана смрт. Двете лица се на возраст од околу 60 и 80 години. Лицата пред да стигнеме веќе биле починати – вели Кристијан Момироски, командир на противпожарната единица од Прилеп.
Едниот прилепчанец бил затекнат во дневната просторија и целосно изгорен, а другиот во претсобјето каде се задушил. Пожарот е изгаснат и е спречено да се прошири на другиот кат и на соседните куќи.
Увид на местото на пожарот направија полицијата и основен јавен обвинител. Се врши истрага за да се откријат причините за пожарот и трагедијата.
На самото место беше и екипата на службата за Итна помош која ја констатирала смртта на двајцата прилепчани.
– Синоќа околу 21,45 часот добивме повик во Итната помош од полицијата која беше на терен дека има опожарена куќа. Нашата екипа на лице место дозна дека во куќата има две лица кои не се извлечени. На пожарникарите им требаше околу 20 минути да стигнат до телата. Едното тело беше целосно опожарено, а другото делумно. Првично од ситуацијата која ја видовме, сигурно дека двете лица се имаат задушено од чадот. Еден од луѓето што живее таму ни кажа дека биле подвижни, но останале во куќата да го гаснат пожарот. Во куќата живееле тројца, од кои едниот излегол да побара помош. Викал по нив да излезат, ама тие останале во куќата да го гаснат пожарот. Ние ја утврдивме смртта, а потоа надлежност презеде основниот јавен обвинител – изјави Даниел Аврамоски началник на службата за Итна помош- Прилеп.
Сосетка потврди дека во куќата живееле тројца, татко со двајца синови.
Обдукцијата телата на загинатите ќе ги утврди причините за смртта, а надлежни инспектори ќе ја вршат истрагата за причината за пожарот.