More

    Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице поврзани со групата „Дуќанџик“

    spot_img

    Синоќа, обвинител од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) координираше акција на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР, во која три лица беа лишени од слобода.

    „Оваа акција е резултат на опсежно истражување кое започна пред неколку месеци. Сите осомничени се поврзани со организираната криминална група „Дуќанџик“ од село Грчец и се товарат за сериозни кривични дела, вклучувајќи злосторничко здружување и оддавање на службена тајна“, велат од Обвинителството.

    Според информациите, осомничените, меѓу кои двајца поранешни главни инспектори, пренесувале важни службени информации кои го отежнувале функционирањето на истражните органи во периодот од декември 2019 до март 2023 година.

    „Осомничените, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од с.Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првосомничениот во предметот „Грчец“, Шеваљ Муареми пренесувале службени информации. Во наведениот период осомничените од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи. За ваквото неовластено откривање со кое предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите, осомничените добивале награда“, додаваат од Обвинителство.

    Според содржината на наредбата за истрага осомничените, заедно или поединечно, со информациите што ги споделувале, го отежнале докажувањето во кривичните постапки и тоа:

    – за кривично-правен настан случен во декември 2019 година, секој посебно заканувајќи се дека повторно ќе биде нападнат тој или членовите на неговото семејство, влијаеле врз оштетен – жртва на обид за Убиство по нарачка, а сега починат, да ја смени изјавата дадена пред овластени полициски службеници;

    – за Убиство во месец август 2020 година осомничените споделиле значајни информации за криминалната група;

    – во текот на втората половина од 2020 година осомничените споделувале службени информации за примена на посебни истражни мерки за тогаш актуелно криминалистичко истражување под кодно име „Планина“ во кое беа опфатени лица од оваа организирана група;

    – за кривично – правен настан случен во септември 2020 година во кој петмина беа осомничени за кривично дело Грабнување биле пренесени информаци за обезбедените докази и изјави на сведоции задржани лица;

    – за двојното убиство од март 2021 година во Скопје за кое биле пренесени информации кој е задржан во полициска станица, кои активности се преземаат и кои службени лица се вклучени во криминалистичкото истражување.

    Тројцата приведени ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје, каде јавниот обвинител ќе предложи мерка притвор.

    Министерството за внатрешни работи соопшти детали за вчерашната акција во која беа приведени Д.Г.(58), Е.А.(58) и О.П.(44), сите од Скопје. Тие заработија кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување”, „оддавање службена тајна”, „попречување на правдата” и „противправно стекнување и прикривање имот”.

    „Пријавените Д.Г. и Е.А., во периодот кога биле вработени во Министерството за внатрешни работи, заедно со О.П., се приклучиле на организирана криминална група за која прибавувале, соопштување, пренесување или на друг начин овозможувале достапност на податоци што претставуваат службена тајна. Во периодот од декември 2019 година до март 2021 година, знаејќи за постоење на интерес на поголем број на личности за добивање на вакви податоци и службени информации за актуелни криминалистички истражувања, планирани мерки и активности за лишување од слобода, со посебен акцент за податоци дали и против кои личности и од кои причини се спроведуваат оперативни и истражни дејствија, како и дека таквите податоци и информации можат да се прибават со давање на парични награди, се поврзале со оваа криминална група во која имале посебна улога за пренесување службени информации, поврзани со организирани криминални групи инволвирани во извршување на криминални активности од повеќе области, особено на тешки кривични дела, од кои за некои е предвидена и казна доживотен затвор“, велат од МВР.

    Оттаму додаваат дека Бирото за јавна безбедност при МВР во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК, од октомври 2023 година до јануари 2024 година спроведуваше истрага за македонски државјани, кои како членови на меѓународна криминална група, користејќи ја енкриптираната SKY/ECC апликација договарале и преземале активности за организирање на набавка и пренесување на кокаин од земјите на Јужна Америка до земјите на ЕУ и РС Македонија и учествувале во извршување на други кривични дела, а која заврши со кривична пријава против 16 лица. По поднесување на кривичната пријава, Одделот за криминалистичка полиција продолжи со анализа на податоците добиени од Еуропол и Еуроџаст и во координација со јавен обвинител од ОЈО ГОКК обезбедени се докази врз основа на кои е дојдено до сознание дека пријавените ги сториле делата.

    „Начинот на кој пријавените ги извршувале делата предизвикало штета врз работењето на државните органи во постапките за кривичен прогон на лица, кои се од значење за јавната безбедност, безбедносните и разузнавачките активности на органите, како и прибирање и пренесување на информации кои не се наменети за јавна употреба, а со чие откривање се намалила ефикасноста на работењето на државните органи. На 03.11.2024, по преземени оперативно – тактички мерки и активности, како и врз основа на наредби од Основен кривичен суд Скопје, извршен е претрес во домовите на лицата, при што се пронајдени и одземени повеќе мобилни телефони, лап – топ компјутер и разновидна документација. Лицата се лишени од слобода“, се вели во соопштението од полицијата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img