Двајца од повредените во несреќата кај Катланово се хоспитализирани на КАРИЛ се во критична состојба и се борат за живот. Други двајца се со сериозни повреди, а петтиот повреден, хоспитализиран во „Св. Наум Охридски“, е во стабилна состојба и ќе биде опериран на колкот во наредните денови.
Лекарските тимови неуморно се борат за животите на повредените, давајќи им интензивна нега и третман.
Според директорката на КАРИЛ, д-р Марија Срцева, повредените се здобиле со тешки телесни повреди и двајца од нив веднаш биле оперирани. Лекарските тимови, кои биле зајакнати уште синоќа, неуморно работат на нивното спасување.
– Пациентите се во интензивна нега и им се пружа соодветен третман. Двајца се во критична состојба, додека двајца други се стабилни и исто така подложени на интензивна грижа – истакна д-р Срцева.
Во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ е хоспитализиран петтиот повреден, кој, според директорот на болницата, д-р Небојша Настов, се наоѓа во стабилна состојба.
– Пациентот беше примен со повреда на десниот колк, и по првата интервенција, неговата состојба е стабилна. Операцијата на колкот е закажана за понеделник – информираше д-р Настов.
Патниците биле работници од Велес, кои работеле во Скопје и патувале со организиран превоз од фирмата во која работеле.
„На 16.10.2024 во СВР Скопје било пријавено дека во 17.35 часот на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово, патничко возило ‘форд транзит‘ со скопски регистарски ознаки, управувано од О. Д. (32) од Велес, излетало од патот и се превртело. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А. Н. (37), Ј. А. (47) и Д. Ц. (66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобил возачот О. Д. и сопатниците З. С. (59), В. З.(67), Н. Н. (33) и Б. П. (41), сите од Велес, кои биле пренесени во Градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’ во Скопје и Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје“, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Полицијата и надлежните органи спроведуваат истрага за причините на оваа трагедија.
Општина Велес за утре прогласи ден на жалост поради трагичната смрт на тројцата сограѓани во тешката сообраќајна несреќа.