Двајца Македонци беа приведени од страна на бугарската полиција откако царинските служби открија 137 килограми марихуана спакувана во 320 пакети, во два камиони со македонски регистарски ознаки на граничниот премин Ѓуешево.
Како што пренесуваат медиумите во Бугарија, возачите на камионите, кои се македонски државјани, Г.Н. и И.М., се приведени и се товарат за шверц на наркотична дрога.
Според официјалното соопштение на бугарската царина, инцидентот се случил на 18 декември, околу 22:30 часот, кога на влезот за камиони на граничниот премин биле насочени на темелен преглед две товарни возила кои превезувале руда за Турција. Царинските инспектори, при прегледот на приколките, откриле специјално прилагодени прегради, каде што биле скриени пакетите со дрога.
„Во приколката од втората композиција пронајдени се специјално прилагодени скривалишта – шуплини покриени со дрвени попречни штици. Пронајдени се 320 пакетчиња со наркотичната супстанца – марихуана. Вкупната тежина на предметот на кривичното дело е 137.045 килограми“, информираат од бугарската царина.
Возачите се уапсени и им е определен притвор до 72 часа, додека обвинителството на Ќустендил поднесе барање за продолжување на притворот.
Бугарските власти информираа дека товарот со марихуана, пред да биде запрен, успеал да ја помине македонско-бугарската граница кај Деве Баир и бил на пат кон Турција.