Колку ќе ја чинат земјава економските санкции кон Русија засега никој не знае. Владата се надева дека ефектите ќе бидат само индиректни преку цените на енергенсите, но бизнисмените велат дека какви и да се ефектите индиректни или директни тие ќе бидат лоши за нашата економија бидејќи ќе ги погодат сите сектори и посебно извозот.
Со сигурност најмногу ќе страдаат компаниите кои директно извезуваат или увезуваат од Русија. Тие ќе треба да бидат подготвени на нови трошоци бидејќи ќе треба да бараат нови дестинации за пласман или алтернатива за снабдување со тие одредени производи кои доаѓаат од таму. Тоа, како што велат бизнисмените, е макотрпна работа и неколку изгубени години. Нивното враќање на рускиот пазар доколку се случи целосно да запре трговската размена ќе биде многу тешко со оглед дека Русија во меѓувреме ќе бара нови партнери во азиските земји. Ќе страдаат и другите сектори кои како последица на зголемените цени, инфлацијата или намалената побарувачка ќе треба да го намалат обемот на производството.
– И да запре во овој момент војната меѓу Русија и Украина последиците за бизнисите ќе бидат долгорочни, бидејќи ништо нема да биде како што било, а враќањето на старите патеки ќе биде тешко – велат бизнисмени.
Вкупната трговска размена на земјава со Руската федерација годишно изнесува 200 милиони долари. Лани таа изнесувала 233,5 милиони долари. Македонските компании извезле стока на овој пазар во висина од 57,1 милиони долари. Од Русија е купена стока за 176,3 милиони долари. Македонија најмногу од Руската Федерација увезува енергенси, некои репроматеријали и метали, а директно извезува земјоделско-прехранбени производи. Индиректниот извоз на производи кои се произведуваат во земјава е далеку поголем со оглед дека дел од произведеното во земјава се вградува и извезува како готов производ на рускиот пазар.
Ако се гледа сумата на трговската размена со Русија, бројката не е голема, но за економија како македонската секој извоз и освоен пазар е придобивка плус. Според бизнисмените, далеку потешко ќе биде враќањето на рускиот пазар по санкциите, бидејќи Русија кусокот ќе го пополни од други земји, а колку ќе биде расположена по извесно време да ја обнови соработката со земјите кои учествуваа во санкциите е прашање.
– Ако се погледне структурата на македонскиот извоз во оваа земја во која доминираат целосно македонски производи без какви било увозни елементи или доработки, тогаш е јасно дека директните штети, сепак, ќе бидат загрижувачки, дури и драматични за одредени економски сектори – велат од Македонско-руската комора.
Оттаму додаваат дека најавените санкции од македонска страна се во согласност со нејзините позиција и партнери во меѓународниот поредок.
– Меѓутоа, и покрај фактот дека е нецелосно, исклучувањето на Руската Федерација од банкарскиот систем SWIFT за меѓународни плаќања едноставно ќе ја замрзне целата трговија и економските односи со оваа земја. Ако се има предвид дека земјава е целосно зависна од рускиот гас, значителен увозник и на други енергенси, суровини може да се предвиди какви ќе бидат последиците за македонските компании и директно ќе се одразат и врз стандардот на граѓаните – изјави за МИА извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.
Посебно на удар ќе бидат производителите на праски, нектарини, јаболко, рана зелка и други земјоделски производи кои ќе мора да бараат деловни партнери од други земји што воопшто не е едноставно во краток рок иако расте побарувачката на земјоделски производи во светот.
– Ќе имаме голем проблем. Едвај се пробивме на рускиот пазар и почнавме да остваруваме некаков извоз на домашното градинарско и друго земјоделско производство и сега ќе треба да бараме нови пазари. Како да е тоа лесно. Но не само тоа, земјоделците ќе бидат соочени и со недостиг на ѓубрива кои се увезуваат од Русија и од Украина. Цената на ѓубривата во овој случај ќе расте, а тоа ќе се одрази на нашето производство годинава. Голем дел од земјоделците поради трошоците ќе ги намалат производните површини или ќе се откажат од производство. Секако и тоа ќе биде проблем не само за нивната егзистенција, туку и за снабдување на домашниот пазар бидејќи цените на градинарските култури и овошјето ќе растат – вели Ристо Велков од земјоделскиот синдикат.
Санкциите и развојот на состојбата со војната меѓу Украина и Русија, како и растот на цените на берзите и зголемената инфлација ќе имаат голем ефект и во автомобилската индустрија во земјава која произведува компоненти кои се вградуваат во автомобилите на повеќе брендови. Најмалку 5 компании од земјава имаат директна врска со нивни фабрики во Русија и во Украина од каде што добиваат или испраќаат компоненти кои се вградуваат во автомобилите. Рускиот пазар е еден од најголемите за пласман на автомобили, а голем број брендови ја запреа испораката за овој пазар поради санкциите. Дел од брендовите „хјундаи“, „тојота“ „рено“, „фолксваген“) имаат и фабрики во Русија.
– Застојот кој ќе се создаде како во производството, така и во продажбата на автомобилите од повеќето брендови за кои работи нашата индустрија, ќе има директни импликации врз нашето работење. Тоа ќе значи и намален обем на производството и на извозот на земјава во кој последните години е евидентно учеството – велат од оваа индустрија.
Последици од санкциите ќе има и авиосообраќајот во земјава, а со тоа и туризмот кој се надеваше на пробив на рускиот пазар. Владата веќе објави дека им се забранува приземјување на руските авиони во земјава со што и единствената авиолинија Скопје-Москва ќе треба да престане да функционира. Руската компанија „Нордвинд ерлајнс“ која лета од московскиот аеродром за Скопје и покрај пандемијата возеше полни авиони со туристи за регионот кои транзитираа преку нашата земја.
Последици од санкциите ќе има и во другата индустрија која директно или индиректно е поврзана со рускиот пазар или увозот на енергенси чија цена драстично расте по почетокот на војната.
Владините анализи, меѓутоа, покажуваат дека руско-украинскиот конфликт индиректно ќе влијае врз македонската економија, имајќи ја предвид трговската размена.
– Кризата индиректно може да влијае, посебно во делот на енергенсите зашто директно сме поврзани со над 70 отсто од трговската размена со ЕУ, но ги преземаме сите соодветни мерки на дневна основа за да нема ценовни шокови – изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.