Новата власт го затекнала државен имот во многу лоши услови и без имотни листови, рече директорот на Служба за општи и заеднички работи при Влада и член на Централен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски, во гостување на телевизија Алфа во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Тој покажа фотографии на кои се гледа во каква состојба се во вилата Лазарополе и вилата Свети Стефан во Охрид.
– Имаме во сопственост наши објекти, имаме вила во Лазарополе, имаме вили во Охрид кои што се во доста лоша состојба. Ова е сето она што сме го направиле во овој краток период без финансиски импликации брз буџетот, со сопствени средства и без пари. Практично, немало никаков пристап до вилата и ние овозможивме пристап и планираме во текот на 2025-2026 година комплетно целиот државен имот да го ставиме во функција и да нема никаков проблем – рече Томовски.
Тој нагласи дека државните објекти се оставени седум години без да се закова ниту една шајка, а претходната влада не обезбедила ниту имотни листови.
– Не им се работело и не сакале да работат. Она што е уште пофрапантно е тоа што овие вили немаат имотен лист. Со години не потегнале да го средат имотот на државата. Доколку сакате со овие вили да отпочнете некаква реставрација, реновирање и било каков градежен зафат мора да објавите тендер за проектирање со фирма со А лиценца и изведувач со А лиценца, но пред да го почнете тоа мора да имате имотен лист. На овие не им се работело претходно, не почнале никаква постапка – рече Томовски.