Државниот и санитарен инспекторат вчера извршил вонреден инспекциски надзор во депонијата Дрисла по дојава за загадување на Маркова Река.
– По телефонска информација од граѓани од Батинци, Студеничани за загадување на Маркова Река во претпладневните часови на ден 4 септември е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на генерален инспектор за животна средина кај правен субјект Дрисла и на потегот влив на канал во Маркова Река, при што од страна на акредитирана лабораторија за животна средина се земени три мостри од водата за лабораториски испитувања по што ќе се финализира инспекциската постапка. При увидот визуелно е утврдено загадување на водите на Маркова Река со црно-кафеава течност – наведуваат од Инспекторатот.
Оттаму велат дека МВР води истрага за причините за настанување на денешниот пожар во депонијата Дрисла.
Утрово е добиено известување дека денеска околу 4 часот наутро е опожарена депонијата Дрисла. Пожарот беше гасен со сопствена механизација и средства, како и со асистенција на неколку возила од противпожарна служба. Пожарот е локализиран и изгаснат околу 08:30 часот, се наведува во соопштението на Инспекторатот.