Во време кога бизнисот бара владата да го либерализира пазарот на трудот и да овозможи вработување на странци во земјава, сѐ погласни се повиците да се реализира иницијативата за премин на вишокот на работници од јавниот во приватниот сектор.
Оваа инцијатива е актуелна повеќе години, а ја прокламира и поранешниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, но не успеа да ја спроведе додека беше министер. Неговите наследници ја заборавија и повеќе размислуваа на етничките квоти за вработување во јавниот сектор отколку за пропорционалната и стручната распределба на кадарот во самиот јавен сектор и размената меѓу јавниот и приватниот сектор.
Експерти и синдикати велат дека процесот на премин на кадар од јавен во приватен сектор е почнат, но него не го води владата поткрепена со програма за реализација и помош на компаниите кои се подготвени да го вработат вишокот од јавниот сектор, туку е резултат на индивидуални одлуки на работниците да го променат работното место поради лични причини.
Професорот по трудово право Лазар Јовевски вели дека иницијативата е многу стара, но никако да заживее во практика, поради одредени политики на владите кои придонесоа и во јавниот сектор да недостига кадар иако е превработен како резултат на партиските вработувања на нестручен и неефикасен персонал.
Државата нема намера да го организира преминот на работници од јавен во приватен сектор
– Заминувањето од јавниот сектор повеќе е лично и индивидуално отколку што е организирано со некоја програма. Причините на овие работници да заминат во приватен сектор не секогаш се економски за да се добие повисока плата. Најчесто овие работници не заминуваат поради тоа што во приватниот сектор добиваат подобри услови за работа, туку како резултат на незадоволството од нивниот третман во јавниот сектор. Немањето перспектива да се напредува, изразениот мобинг од раководниот кадар и лица блиски до тој кадар, преоптовареност со работа на одделни професионалци на сметка на неработење на партиски кадри и слично, се само дел од причините поради кои вработени од јавен сектор се одлучуваат да преминат во приватен сектор – вели Јовевски.
Според него, и јавниот сектор има проблем со недостиг на работници, за што причина е непропорционалната распределба на кадарот. Затоа, вели тој, процесот треба да биде планиран врз основа на анализа на состојбата за да не се доведеме да имаме нефункционален јавен сектор преполн со партиски војници.
– Има институции кои се превработени поради партиски вработувања и каде има голема нестручност и преголемо оптоварување со работа на професионалниот кадар кој останал да работи без да биде унапреден или парично награден и други институции каде што нема доволно кадар, од каде што има и најбројни заминувања, со што тие институции стануваат нефункционални. Да го земеме здравството каде што има голем одлив на работници во приватен сектор и во странство поради незадоволството од нерешениот статус, потоа во образованието… Овие сектори од јавниот сектор иако важни остануваат без работници или во нив се вработува нестручен кадар, а тоа има негативни ефекти во општеството. Ова прашање мора да се реши за да имаме функционален јавен сектор и администрација – вели Јовевски.
Што треба да направи државата?
Државата, според него, треба да ја види големата слика на иселување од земјава и да почне да се занимава со спречување на процесот кој е погубен и за нацијата и за државата.
– Земјите кои се во слична состојба веќе реализираат цели програми за сопирање или делумно запирање на процесот на иселување и враќање на дел од иселените. Мерки кои би помогнале во тоа би можеле да бидат и државна помош на компаниите да ги задржат работниците, да се дава бесплатно земјиште на млади, потоа да се помагаат младите, но и постарите генерации кои се иселуваат да дојдат полесно до стан или куќа… Во некои земји се даваат готови куќи или станови, само за да се вратат иселените, а во други, пак, дури 80 отсто од вредноста на станот или куќата ги покрива државата. Има многу мерки кои можат да помогнат да се запре или ублажи процесот на заминување на луѓето и со тоа да се намали недостигот на работници – вели Јовевски.
Почнатите процеси, вели тој, не се запираат со увоз на работници, туку со мерки со кои ќе се сведе на минимум стапката на невработени и ќе се стимулира невработеното население.
– Сè уште имаме висока стапка на невработени, и многу висока стапка на сива економија. Тоа треба да се стави во ред и да се размислува да се направи стратешки план за надминување на проблемот – вели Јовевски.
Моментално никој не поседува информација за бројките на работници од јавен сектор кои се префрлиле во приватен сектор, но сите велат дека процесот е присутен.
Плусинфо побара информација од Министерството за информатичко општество и администрација за бројките и дали планира процесот да го води плански и во договор со бизнис заедницата, но не доби одговор.
Институции остануваат без кадар поради партиските вработувања
Пред крајот на минатата година министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека едвај го задржува кадарот во Министерството бидејќи има големи обврски, многу работа, но е неплатен па затоа заминува во приватен сектор.
– Во Министерството за финансии има голем одлив на кадар. Голем дел наоѓаат работа во други институции. Финансии имаше 700 вработени, а сега се околу 400. Лани 40 луѓе го напуштија Министерствот надвор од тоа што беше планирано со пензионирањето. Доаѓаат раководители на сектори, даваат отказ, едноставно си одат. Многу работа, на друго место добиваат можности за подобри услови. При огласи нема соодветни кадри што се пријавуваат. Мораме да обезбедиме човечки ресурси за да функционира институцијата – изјави тогаш Бесими.
Деновиве и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека и од нејзиното министерство има одлив на кадар во приватниот сектор.
– Масовно си одат добрите работници од јавен во приватен сектор. Секојдневно си заминуваат и од Министерството за труд и социјална политика. Ние имаме една пријатна комуникација, нема мобинг, така што работниците си заминуваат за поголеми плати. Секаде во светот во јавниот сектор се пониски платите отколку во приватниот, и тоа така треба да биде – рече Тренчевска.
Одат од јавен во приватен сектор за повисока плата
Синдикатите од јавната управа и образованието велат дека тие не располагаат со бројки, но потврдуваат дека има појава на одлив на кадар од јавен во приватен сектор и во странство, а главна причина не се подобрите услови за работа, туку повисоките плати.
– Регистрирани се заминувања на работници од јавниот во приватен сектор и заминувања во странство, но синдикатот на УПОЗ не води таква евиденција. Причините се веќе познатите состојби во секторот – ниски плати, неможноста за унапредување и слично. Платите се фактор кој ги тера овие лица да одат во приватен сектор и покрај тоа што условите за работа и таму не се многу подобри од јавниот сектор – вели Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
И во образованието е забележана појавата на давање отказ за да се замине во странство, но немаат податок дали некој од нив се префрлил во приватен сектор.
– Имаме регистрирано вработени од образование кои заминуваат во странство со целото семејство. Заминување во приватен сектор речиси и да нема или е сосема мало или незначително. Иселувањето на овој кадар е проблем на кој треба да се работи што е можно побрзо – вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Премин од јавен во приватен сектор е повидлив кај медицинскиот кадар што се гледа и од податокот дека јавното здравство кубури со кадар. Овој кадар е најприсутен и во бројките на заминати од земјава.
Според статистиките, во земјава има 270 лекари на 100 000 жители, што е за 22% помалку од европскиот просек. Во последните 10 години, секоја година си заминувале околу 200 лекари, број кој е еднаков со годишниот просек на студентите кои завршуваат студии по медицина, што значи дека – колку нови лекари дипломираат, толку лекари ја напуштаат земјава на годишно ниво.