More

    Државата со молк го одобрува црниот одлив на работна сила

    spot_img

    Странски здруженија на работодавачи, комори, компании и амбасади, па и странски агенции за вработување пред очите на институциите пустошат низ земјава и регрутираат работници и покрај тоа што законски не смеат тоа да го прават без посредници од земјава.

    Експерти од областа, но и приватни агенции кои се лиценцирани за посредување при вакви вработувања велат дека државата мора да му стави крај на ваквиот начин на регрутирање работници од земјава за странски компании, не само поради тоа што им ја земаат работата, туку и да ги заштити луѓето кои одат да работат во странство без да ги имаат договорено основните права од работата и  странските работодавачи кои можат да бидат излажани за способностите и искуството на работниците кои самите им се нудат без направена претходна селекција. Тие бараат инспекциите да посветат поголемо внимание на ваквите настани и да ги санкционираат организаторите.

    Од друга страна, нема информации дека наши комори, здруженија или компании направиле обид да организираат вакви презентации во странство за да обезбедат работници иако најголемиот дел од компаниите веќе бараат да се овозможи увоз на странски работници.

    Од агенциите кои се лиценцирани за вработување во странство велат дека не се знае по колку работници се регрутираат на ваквите презентации кои претходно се рекламираат по медиуми и дека никој не ги контролира.

    – Во нормален свет каде што има закони за агенции за посредување при вработување во странство на кои им се поставуваат услови за функционирање и организација, не може да се случи нелиценцирани странски здруженија, компании па и амбасади да презентираат работни места и да регрутираат работници, но кај нас и тоа е практика и тие не се контролираат. Овие презентации според нашите закони се нелегални, ако не соработуваат со македонски посредник во државната агенција за вработување или во лиценцирана приватна агенција за посредување при вработување во странство. Законот е јасен – без лиценца не може да се регрутираат работници за во странство, но се чини дека се замижува пред ова незаконско однесување на странските компании и посредници – вели Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на агенцијата „Коузон“.

    Тој додава дека со ваквиот начин на регрутирање работници од земјава не само што губат агенциите, туку губат и луѓето кои сакаат да работат во странство, а и компаниите кои бараат работници во земјава.

    – Странските работодавачи кои доаѓаат на овие презентации и прават интервјуа со заинтересираните кандидати можат да бидат изиграни од кандидатите за нивната диплома и за работнота искуство и по нивното ангажирање да бидат доведени во незавидна положба. Од друга страна, работниците можат да бидат изманипулирани бидејќи не само што не ги познаваат условите за работа, не ги знаат ни законите на тие земји и правата на работниците таму, па така остануваат покуси во остварувањето на нивните права и очекувањата од сезонското вработување кое патем освен работа од неколку месеци не дава резултати за напредување во кариерата или други поволности кои ги има вработувањето на подолг период – вели Кочоски.

    Тој препорачува граѓаните при ваквите вработувања да се консултираат со агенциите кои ќе им помогнат да најдат работно место кое ќе одговара на нивните квалификации, да биде соодветно платено и да ги користат сите права од работниот однос предвидени за странските работници во соодветната земја.

    Милан Џинлев од агенцијата за посредување при вработување во странство „Приорити солуции“ вели дека проблемот е актуелен со години и се толерира од институциите.

    – Покрај нелегалното регрутирање работници од странски компании и агенции кај нас е практика да се оди во странство и преку познајници кои работат веќе таму и со качување во комбе и заминување без да се знае каде ќе се работи. На таков начин не се знае ни каква ќе биде платата и какви права ќе имаат при вработувањето. Некои од индивидуалците кои посредуваат им наплаќаат за тоа, но никој не реагира за ваквата состојба – вели Џинлев.

    Тој гледа излез од сегашната ситуација во која странците сами регрутираат работници само во здружување на агенциите за посредување при вработување во странство или во формирање комора која ќе ги штити интересите на лиценцираните агенции.

    – Само на овој начин ќе можеме да се избориме институциите да почнат да ги гледаат проблемите и да го спречат нелегалното заминување на работа во странство – вели тој.

    Според него, не се познати точните бројки на луѓе кои, на пример заминуваат на сезонска работа во Хрватска на овој начин, но се знае дека преку агенциите во просек по еден договорен хотел или група хотели одат од 40 до 60 работници од Македонија во сезона.

    – Ние за нашите партнери во Хрватска организираме интервјуа со кандидатите, проверка на вештините на кандидатот, правиме нивна селекција и ги праќаме таму што им дава гаранција дека за секое работно место ќе добијат соодветен кадар кој ќе даде квалитет во работењето. За работниците во овие случаи е сигурно дека имаат одреден износ на плата, дневен, неделен одмор, платени прекувремени часови и што е најважно земаат плата за работното место колку и тамошните работници. Да потсетам дека за ниту еден кандидат, што е и законски определено, не се наплаќа никаква провизија од страна на агенциите, туку тоа е дел од договорот со компанијата на која ѝ се обезбедуваат работници. Што значи кога работникот ќе оди во Хрватска ќе ја зема платата за која добил информација кај нас. Дополнително, компанијата со првата плата му го покрива и износот на патните трошоци од земјава до местото на работа – вели Џинлев.

    Според него, секој кој добро работел во една сезона, веќе е на листа кај компанијата со приоритет да биде повикан и следната сезона.

    Не се знае колку наши здруженија, компании или поединци се обидуваат да регрутираат работници од странство во земјава, но се знае дека државата иако вети дека ќе ја поедностави процедурата за увоз на странски работници не направи ништо. Единствено што е направено досега на тоа поле е дека секоја година се зголемува квотата за странци.

    Од Стопанската комора, како најстара во земјава, велат дека не организираат вакви презентации во странство. Ги прашавме и другите комори, но не добивме одговор од нив, дали по теркот на странските колеги и тие бараат работници во странство за да им помогнат на компаниите кои сѐ повеќе се жалат дека не успеваат да најдат работници.

    Што вели законот во однос на организирањето вработување во странство?

    Членот 11 од законот за приватни агенции за вработување за добивање лиценца за посредување за вработување во странство, приватната агенција за вработување треба да ги исполнува следниве услови: – да располага со деловен простор на иста локација, во сопственост или под закуп, од најмалку 30 м2, кој ги исполнува условите согласно со прописите за безбедност и здравје при работа и да има вработено најмалку две лица на неопределено време, со полно работно време.

    За добивање лиценца за посредување за вработување во земјата и странство, приватната агенција за вработување треба да ги исполнува следниве услови: – да располага со деловен простор на иста локација, во сопственост или под закуп, од најмалку 40 м2, кој ги исполнува условите согласно прописите за безбедност и здравје при работа и да има вработено најмалку три лица на неопределено време со полно работно време.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img