Мерките и активностите кои ги преземаат надлежните институции не се доволни и ефикасни да се оствари потребната заштита и ревитализација на недвижното културно наследство, покажале резултатите од ревизијата на успешност на тема „Ефикасност на политики и мерки за заштита, управување и ревитализација на недвижното културно наследство”.
Ревизорите утврдиле отсуство на редовна грижа, одржување, обезбедување и мерки за непосредна заштита од страна на сопственикот и надлежната институција за заштита. Тоа, како што се наведува во извештајот, придонело за оштетување, загуба, уништување и зголемени трошоци за одржување и активно функционирање на културното наследство.
Ревизорите утврдиле и дека нема јасни и објективни критериуми за начин на финансирање на недвижното културно наследство и распределба на средствата на надлежните институции, што ја ограничува можноста за навремена и соодветна заштита на недвижните добра.
„Утврдена е нецелосно спроведена класификација и извршена ревалоризација за само 18% од вкупниот број на регистрирани недвижни културни добра во државата, нецелосно воспоставена заштитна евиденција, необезбедени сеопфатни и ажурирани податоци во регистарот на недвижно културно наследство и неизграден Национален информативен систем за културното наследство придонесуваат да не се обезбедени јавно достапни информации за културното наследство на државата и негова заштита, финансиските средства за заштита на културно наследство од буџетски и странски извори за периодот од 2018 – 2021 година се реализирани во вкупен износ од 293,5 милиони денари, при што одобрените буџетски средства од Министерството за култура по Нацрт-програмите за сите национални установи секоја година бележат намалување, кое се движи во просек од 16% до 23% по година. Висината на обезбедените финансиски средства и стручните лица не се доволни за ефикасно спроведување на активностите за непосредна заштита, а неправилното алоцирање на средствата за заштита ја ограничуваат можноста за навремена и соодветна заштита на недвижните добра“, се вели во денешното соопштение од ДЗР.
Со ревизијата било утврдено и дека нерешените имотно-правни односи, долгиот период на постапките за експропријација, отсуството на редовна грижа, одржување, обезбедување, преземање на мерки за заштита од страна на имателите/корисниците и надлежните институции, придонесуваат кон оштетување, загуба, уништување, зголемени трошоци за одржување и активно функционирање на културното наследство, но и значаен недостиг на инспектори, односно екипираност со тројца инспектори во 2021 година со надлежност за вршење надзор на сите видови културно наследство на целата територија на државата, како и отуството на надзор над секое преземање мерки на непосредна заштита од страна на инспекциската служба, делумно извршени контролни надзори на решенија за отстранување на неправилности и непостапување од страна на субјектите по изречени мерки придонесуваат кон недоследна примена на пропишаните услови и намалена ефикасност од инспекцискиот надзор, што влијае да не се постигнат посакуваните ефекти за одржување, опстанок и ефикасна заштита на недвижното културното наследство.
За надминување на состојбите ревизорите препорачуваат да се донесе нов Закон за заштита на културното наследство и усогласување со поврзаната законска регулатива, подобрување на кадровската екипираност на националните установи со стручни лица за заштита на недвижното културно наследство, воспоставување на функционален Информативен систем за културното наследство и Национален регистар на културното наследство, одобрување на средства за поголемо вложување во превентивна заштита на културното наследство и изнаоѓање на дополнителни извори на финансирање на заштитата на културното наследство, но и кадровско доекипирање со инспектори за недвижно културно наследство и зголемување на ефикасноста од инспекцискикиот надзор преку спроведување на контролен инспекциски надзор по издадените решенија со изречени мерки.