Денеска уште еден соборен дрон падна на покривот на украинската нуклеарна централа во Запорожје, која е под окупација на руската армија, објави нејзиниот оператор.
„Денеска над фабриката беше соборен камиказе дрон. Падна на покривот на блок 6“, соопштија од електраната под сликата на блокот во кој се наоѓа реакторот.
Како и другите, и тој реактор е исклучен, но нападите врз нив се опасни, се додава.
Агенцијата Ројтерс наведува дека претставници на електраната Запорожје соопштиле дека вчера била нападната од украински воени беспилотни летала, а цел била и куполата од блокот 6. Штетата не е голема, а нивото на радијација во електраната е во граници на нормала .
Дмитриј Песков, претставникот на рускиот претседател Владимир Путин, денеска ја обвини Украина за вчерашниот напад, нарекувајќи го „опасна провокација која може да има многу лоши последици“.
Портпаролот на Украинската воена разузнавачка служба Андриј Јусов ги негираше руските обвинувања, рече дека нема напад и додаде дека руските сили рутински измислуваат напади врз нуклеарната централа.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, без да ја префрли вината на никого, предупреди на опасноста од такви напади и ги повика сите да се воздржат од дејствија што ја загрозуваат нуклеарната безбедност.