Дрон од непознато потекло, на кој според непотврдени информации имало прикачена експлозивна направа, во неделата вечерта е пронајдено на брегот на Тиуленово, бугарско одморалиште на брегот на Црното Море, информираа бугарските медиуми.
Бугарското Министерство за одбрана денеска соопшти дека испратило специјална единица која треба да изврши преглед и деактивирање на беспилотно летало со експлозив што вчера вечер слета во црноморскиот град Тјуленово.
Туристичкиот град Тјуленово се наоѓа на 70 километри од романската граница. Локалните медиуми објавија дека дронот бил долг меѓу 3 и 3,5 метри и дека на него бил прикачен контејнер со експлозив.
Засега не е јасно како дронот пристигнал на бугарскиот брег – дали паднал од воздух или бил фатен од струјата, пишува News.ro.
Властите во Софија не знаат дали дронот и припаѓа на Украина или на Русија, но велат дека експлозивното полнење не се активирало бидејќи слетувањето било прилично непречено.
Радослав Русев, човекот кој ги алармирал службите за итна помош и ги направил фотографиите од дронот, за Националната телевизија објаснил дека речиси 12 часа немало никаква реакција од надлежните.
-Ја видов бомбата на дронот што е прикачен на него. Тоа е многу јасно видливо на сликите. Синоќа во 21:40 ја алармирав итната помош. Засега нема одговор на мојот сигнал, освен дека патот кон Тјуленовскиот залив е затворен. Десет, единаесет часа чекаме нешто да се случи – изјави Радослав Русев.