Пратеникот Миле Лефков на денешната прес-конференција рече дека Македонија дека партиите СДСМ и ДУИ го користеле Министерството за економија за да заработува милиони внукот на поранешниот функционер Али Ахмети, Дрин Ахмети.
– Како што веќе објавивме, фирмата „Еверест ЏД“ на Ахмети во период од 2016 до 2023 година, како концесионер на каменолом, за концесиски надоместок платила 1.617.894 денари помалку од тоа што требало. Ова нема да било возможно без сега веќе обвинетите неколку лица, вработени во Министерството за економија под капа на Крешник Бектеши. Важно е да се напомене дека оваа фирма на Ахмети, лиценцата за експлоатација на минерални суровини ја добила во 2005 година, исто така во време на владата на СДСМ и ДУИ. За 11 години потоа, исто во време на СДСМ и ДУИ, кога со Министерството за економија раководи кадар на ДУИ, истата да може да експлоатира минерални суровини, без прецизно да ги наведе количините кои се ископани, а со тоа и да плати помалку кон Буџетот. Очигледно е дека пипците на Ахмети оделе длабоко, па за да работи непречено Дрин, да копа колку сака, и да плати колку сака, а не толку колку што мора, својата службена положба ја злоупотребиле 54-годишниот Ф.Ч. од Дебар, Е.Љ. од Теарце-Тетово, Ј.К. од Тетово, А.М. од Скопје, К.Ш. од Скопје, Ф.А. од Куманово, и Ф.Р. од Скопје. Истите, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „несовесно работење во службата”, се гонат по чл.353-в од КЗ. Доколку горенаведените постапеле согласно закон, концесијата за експлоатација на Дрин Ахмети требало да биде одземена, а тој да биде изведен пред суд по пријава на самото министерство. Но, како министерството на Крешник Бектеши да го гони внукот на Ахмети, кој таму го поставил? – праша пратеникот Лефков.
Лефков додаде дека ова е моделот според кој СДСМ и ДУИ работеа со институциите, не за граѓаните, туку за своите семејства и блиски.
– Одговорност за ова мора да има, за да не се повтори никогаш – додаде пратеникот.