Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата вечерва информираат дека нема опасност од пожарите за армиските инфраструктурни објекти на Криволак и дека сите критични објекти се безбедни.
Соопштението, велат оттаму, е заради „транспарентно и вистинито информирање“ откако во медиуми и на социјални мрежи имало објави во врска со пожарите во реонот на армискиот полигон Криволак.
Дека немало никави експлозии кај Криволак потврди и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов. Денеска имало 29 активни пожари, од кои 18 се изгаснати, а преостануваат 13 за гаснење.
Дождот попладнево помогнал да се совладаат пожарите кај Серта кај селото Драгоево, Калањево, во општина Коњче и кај Ново Село на планината Огражден. Но, во средината на Серта уште има траги на горење на кои службите ќе се фокусираат утре наутро, најави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
За утре останува да се гаснат пожарите на ловиштето на планината Серта, додека пожарот кај Битола се шири накај зимзелената шума на Пелистер. Има активни пожари во Росоман, Чашка, Зелениково и Студеничании други жаришта, информираше Ангелов.
Два полициски хеликоптера Mи-171 и Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици учествуваа денеска во гасењето на пожарите во државата. Ми-171 дејствуваше на планината Серта, на територијата на општина Неготино, на пожарот кај селото Подлес, на територијата на Кавадарци и на пожарот на територијата на Радовиш.
Како што соопшти МВР, за време на дејствувањето, хеликоптерот во 32 налети исфрли над 80 тони вода.
Чад, но и намалена видливост на улиците има во Штип по големиот пожар што избувна над штипските села Селца, Драгоево и Пиперово. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов за вечерва околу 22 часот најави и кризен штаб за состојбите на пожарите над овие села.
Пожарот во Неготинско го зафати и ридот со ендемично лале, подрачје под заштита на локалната самоуправа, реагираат неготинци.
„Орлов баир, ридот што ја преживеа една од најтешките битки во Првата светска војна, ридот на кој живее ендемичното лале – тулипа маријана, не ја преживеа неспособноста на 21 век“, гласи коментар објавен на Фејсбук.
Исто така, голем пожар избувнал денеска во Струмичко меѓу селата Водоча и Вељуса, кој поради силниот ветер и топлото време зафатил површина од околу 80 хектари и ширејќи се во сите правци зафатил и неколку викендици. Пожарникарите успеале да спасат производствени погони од опожарување.
Според информацијата од ТППЕ Струмица, големиот пожар избувнал во 10:10 часот, a бил целосно ликвидиран околу 18:30 часот.