Легендарниот италијански мотоциклист Андреа Довициозо доживел тешка несреќа за време на тренинг за мотокрос, кога паднал на глава од мотоциклот што го возел. Како што пренесуваат италијанските медиуми, Андреа е тешко повреден, но животот не му е во опасност – што го потврдува и фотографијата што ја објави на социјалните мрежи од болничкиот кревет.
Довициозо ќе претрпи одредени хируршки интервенции во наредните денови. Од сликата што ја објави јасно се гледа дека на телото има скршеници, а тоа го потврди и во текстот кој го напиша заедно со фотографијата.
“Овој пат сум навистина добро искршен. Мојата колекција на скршеници станува се поголема, но важно е дека томографијата е негативна. Утре ќе направам повеќе тестови и ќе ве известам каква е ситуацијата. Голема благодарност до тренерот кој е секогаш со мене. Им благодарам на сите што ми помогнаа и на медицинскиот персонал во болницата. Ви благодарам на сите што ми испративте порака. Ќе продолжам да ги читам сите ваши пораки. Кој може да погоди што скршив?!“ – напишаа поранешен ас на Мото ГП во првата објава по несреќата.
Андреа Довициозо е легендарен возач на Мото ГП и во таа конкуренција возеше цели 15 години, откако првите 7 години од кариерата ги помина во втората и третата категорија. Три пати ја завршуваше сезоната во Мото ГП на втората позиција во генералниот поредок, а еднаш беше трет. Кариерата ја заврши со 15 победи, дури 62 подиуми и дури 2.583 поени на 248 трки.