More

    Домаќинствата во 2021 година најмногу од домашниот буџет – 47 проценти трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи

    spot_img

    Домаќинствата во 2021 година најмногу од домашниот буџет – 47 проценти трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи. Сепак, најмногу во домаќинствата се јадело леб – 255 килограми, компир – 92,2 кг и месо 58,9 кг. Домаќинствата во просек испиле 226 литри безалкохолни пијалаци и 50,9 литри алкохолни. Изеле и 29,5 килограми чоколади и кекс и испиле 10,2 килограми кафе и какао. За превоз оделе 5,5 проценти од домашниот буџет, што е повеќе од тоа што домаќинствата трошеле за здравје, рекреација, култура и образование заедно, покажува Статистичкиот годишник на Македонија за 2022 на Државниот завод за статистика.

    Домаќинствата во 2021 година најголем дел од домашниот буџет во просек трошеле на лична потрошувачка – 331 544 денари или 94,6 проценти, потоа за штедење – 11 569 денари или 3,3 отсто, па за отплата на кредити и заеми – 3 228 денари или 0,9 проценти, потоа за издатоци за стан, куќа и имот – 2 804 денари или 0,8 отсто, за загуби, подароци и слично – 900 денари или 0,3 проценти, и за членарина, даноци, царини и слично – 507 денари или 0,1 отсто од домашниот буџет.

    Во делот на личната потрошувачка, најмногу средства во просек домаќинствата трошеле на храна и безалкохолни пијалаци – 164 974 денари или 47,1 процент, потоа за станарина и режиски трошоци – 38 176 денари или 10,9 отсто, останати стоки и услуги – 20 435 денари или 5,8 проценти, за сообраќај – 19 132 денари или 5,5 отсто, за алкохолни пијалаци и тутун – 18 221 денар или 5,2 проценти, за покуќнина и одржување на домот – 17 952 денари или 5,1 отсто, за облека и обувки – 14 368 денари или 4,1 проценти, за комуникации – 12 955 денари или 3,7 отсто, за здравје – 10 573 денари или 3 проценти, за ресторани и хотели – 9 772 денари или 2,8 отсто, за рекреација и култура – 4 914 денари или 1,4 проценти и за образование – 72 денари или 0 отсто од средствата за лична потрошувачка.

    Само за храна, домаќинствата во 2021 година во просек трошеле 146 713 денари, од кои најмногу за месо – 34 908 денари, потоа за млеко, млечни производи и јајца – 29 236 денари, за производи од жито – 24 466 денари, за зеленчук – 22 122 денари, за овошје – 10 111 денар, за шеќер и чоколади – 7 572 денари, за масло – 6 719 денари, други прехранбени производи – 6 535 денари, и за риба – 5 045 денари.

    Најмногу во домаќинствата се јадело леб – 255,6 кг, потоа компир – 97,2 кг и јужно овошје – 86,7 кг, додека од месо најмногу се јадело живина – 53,4 кг, потоа преработки од месо – 50,2 кг, па свинско – 35,1 кг и говедско, телешко и јунешко – 23,8 кг. Свежа и замрзната риба – 24 килограми, а преработки од риба – 3,1 кг.

    Од овошје, освен јужно овошје, најмногу се јаделе јаболка – 45,5 кг и бостан – 41,5 кг, а најмалку се јаделе цреши и вишни – 2,5 кг и круши – 3 кг.

    Од зеленчук, освен компир, најмногу се јаделе пипер – 67,6 кг и домати – 44,8 кг, а најмалку грашок и боранија – 2 кг.

    Кај млечните производи, домаќинствата најмногу пиеле млеко – 110,9 литри, потоа кисело млеко и јогурт – 88,6, а сирења 47,6 кг и други млечни производи – 12,1 килограм.

    Од тутун и пијалаци, домаќинствата најмногу од домашниот буџет трошеле на тутун – 13 712 денари, потоа на други безалкохолни пијалаци – 6 236 денари, за кафе, чај и какао по 4 686 денари и најмалку на алкохолни пијалаци – по 4 509 денари.

    Домаќинствата во просек испиле 226 литри безалкохолни пијалаци, додека од алкохол најмногу пиво – 42,5 литри, потоа вино – 5,7 литри и жестоки пијалаци – 2,7 литри.

    Од домашниот буџет повеќе пари се трошеле на облека – 8 533 денари, додека на обувки – 5 835 денари.

    Домаќинствата трошеле 30 645 денари на огрев и осветлување на домот, потоа за комунално-станбени услуги – 4 995 денари, за одржување и поправки на домот – 1 582 денари и за станарини – 21 денар.

    Околу домот и негово одржување, домаќинствата најмногу трошеле на производи и услуги за одржување – 9 410 денари, потоа за апарати за домаќинство и поправки – 4 298 денари, за текстил за домаќинство – 1 421 денар, за мебел – 1 240 денари, за садови и прибор – 1 144 денари, и за алати за куќа и градина – 439 денари.

    Најмногу од домашниот буџет за здравје бил потрошен на лекови и помагала – 9 763 денари, додека на здравствени – 753 денари и на болнички услуги – 50 денари.

    Во делот на сообраќај, најмногу од домашниот буџет бил за делови и гориво за сообраќајни средства – 17 142 денари, додека 1 418 денари за сообраќајни услуги и 572 денари за сообраќајни средства.

    Од комуникациите, најмногу домаќинствата трошеле на телефонски услуги – 11 350 денари, потоа за телефони и факс-апарати – 1 602 денари, а најмалку за поштенски услуги – три денари.

    Од делот за култура и рекреација, најмногу од домашниот буџет се трошел на аудиовизуелна и информатичка опрема – 1 660 денари, потоа 1 458 денари за опрема за градина, миленици и други средства за рекреација, додека за весници и книги – 684 денари, а за услуги за култура и рекреација – 652 денари.

    Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата”, спроведено во текот на 2021 година. Изборот на 5 040 домаќинства е извршен преку двоетапен стратифициран примерок, при што во првата етапа е извршен избор на пописни кругови од Пописот на населението во 2002 година, а во втората етапа е извршен избор на домаќинствата за анкетирање.

    Просечен број членови на анкетираните домаќинства е 3,64, додека во просек вработени биле 1,33 член. Во просек вкупно расположливите средства по анкетирано домаќинство во 2021 година изнесувале – 503 442 денари или 8 120 евра. Најмногу имале мешовитите домаќинства – 667 939 или 10 773 евра, потоа земјоделските – 498 887 или 8 046 евра, а најмалку неземјоделските 483 067 денари или 7 791 евро годишно. 

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img