Долгот на граѓани кај банките порасна на 246,8 милиони денари или 4,014 милијарди евра. Ова сума доминира во вкупниот износ од 7,827 милијарди евра кој банките го одобриле како кредити на граѓаните и компаниите, според податоците на Народната банка за ноември.
И во ноември најбарани биле потрошувачките и станбените кредити кои на месечно ниво бележат месечно зголемување од 0,7% и 1,2%, соодветно, при годишен раст од 7,3% односно од 11,6%. Овој месец, автомобилските кредити се намалија за 0,7% на месечна основа, додека на годишна основа растат за 10,8%. Кредитите одобрени на кредитни картички, во ноември, забележаа месечен и годишен пад од 1,0% и од 9,2%, соодветно. Во ноември, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи бележат месечно намалување од 4,7% и 0,3%, соодветно, при остварено годишно намалување од 4,8% и 14,3%.
Според податоците на народната банка во ноември годинава, на годишно ниво, вкупните кредити бележат раст од 9,7%, додека растот кај вкупните депозити е од 11%.
Кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,7% на месечно ниво, како резултат на речиси подеднаков раст на кредитите во странска валута и во денари. На годишно ниво е забележан раст од 8,2%, којшто во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари.
Во ноември, кај вкупните депозити на домаќинствата е забележан месечен и годишен раст од 1,9% и 13,3%, соодветно. Притоа, растот кај двете основи во целост е резултат на зголемените депозитни пари и долгорочните депозити, додека краткорочните депозити бележат намалување.
Компании во ноември го зголемиле долгот за кредити кај банките на3,774 милијарди евра што е раст од 0,8%на месечно ниво. Тоа се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари. Споредено на годишна основа, растот од 11,5% во целост произлегува од зголемените кредити во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута.
Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор забележаа надолна месечна промена од 0,6%. Промената произлегува од намалувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, во услови на остварен раст на краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити, во денари и странска валута. Годишниот раст изнесува 7,0% и е резултат на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во странска валута и долгорочните и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута забележаа пад.
Паричната маса во ноември, бележи месечен раст од 0,6%, пред сè поради растот на долгорочните депозити до две години и депозитните пари, при помал позитивен придонес и на готовите пари во оптек, додека краткорочните депозити забележаа пад. Годишниот раст на паричната маса изнесува 9,1% и е резултат на растот на депозитните пари, долгорочните депозити до 2 години и готовите пари во оптек, во услови на забележан пад кај краткорочните депозити.