Рускиот лидер Владимир Путин на состанок на економскиот сојуз БРИКС во потесен формат предложи да се состави список на 13 досегашни земји-партнери на БРИКС и тој да биде вклучен во завршната декларација од Самитот во Казан. Јуриј Ушаков, помошникот на Путин вели дека списокот е договорен заедно со критериумите за членство.
Во завршната декларација ќе се содржи и предлогот на Путин за сопствената берза на жито и платформа за тргување на земјите од БРИКС. Декларацијата како завршен документ ќе биде доставена до Обединетите Нации.
– Подготвена е завршна декларација која содржи општи оценки за ситуацијата во светот, ги сумира резултатите од руското претседателство со БРИКС и поставува насоки за долгорочна соработка – рече Путин.
Министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и претставникот на земјата на Самитот, Ахмед бин Али Ал Саџех, рече дека декларацијата ќе биде важен чекор во зајакнувањето на соработката, „воспоставувајќи општо прифатена рамка за соочување со идните предизвици и постигнување на нашите заеднички цели“.
Путин истакна дека Москва поддржува создавање на нова инвестициска платформа за поддршка на националните економии и помош за земјите од глобалниот Југ и Исток.
– Земјите од БРИКС имаат поголем удел во светската економија според куповната моќ отколку земјите од Г7 – рече Путин.
Тој оцени дека светската трговија и глобалната економија се менуваат, со поместување на активноста кон пазарите во развој, а мултиполарниот модел на развој ја води глобалната економија кон раст, пред сè благодарение на земјите од БРИКС.