Мултивитамините, витаминските инфузии и прашоците за слабеење звучат како корисни здравствени помагала, но британскиот лекар Асиф Ахмед тврди дека реалноста е сосема поинаква. Во една неодамнешна објава на социјалните мрежи, тој сподели вознемирувачки информации за популарните додатоци во исхраната за кои вели дека не само што се бескорисни, туку можат да бидат и штетни.
Според д-р Ахмед, земањето мултивитамини секој ден може да го зголеми ризикот од прерана смрт. Повикувајќи се на истражување од Националниот институт за рак на САД, тој објаснува дека во студијата спроведена над 20 години, земањето мултивитамини било поврзано со четири отсто поголем ризик од смртност. Научниците не нашле докази дека овие додатоци го продолжуваат животот.
„Тоа нема да ви помогне, само ги трошите парите“, им вели д-р Ахмед на своите следбеници. Тој исто така додава дека телото тешко ги апсорбира сите овие витамини и минерали одеднаш бидејќи тие се натпреваруваат меѓу себе во процесот на апсорпција, па на крајот не користиме ништо.
Друг додаток што тој советува да се избегнува се популарните витамински инфузии кои се повеќе се промовираат од познатите личности. За нив се тврди дека го зајакнуваат имунитетот, го зголемуваат нивото на енергија, па дури и лекуваат мамурлак, а цените достигнуваат и до 2.000 евра по третман.
Д-р Ахмед тврди дека единствениот вистински ефект од овие инфузии доаѓа од хидратацијата. „Луѓето често велат дека се чувствуваат подобро по инфузијата. Ова е веројатно затоа што се дехидрирани и нивното тело позитивно реагира на хидратација“, објаснува тој. Исто така, предупредува на ризикот од сериозни алергиски реакции, вклучително и анафилактичен шок, особено ако се внесе премногу витамин Б или тиамин.
„Внесувањето големи количини на витамини и минерали директно во крвотокот едноставно не е добра идеја“, вели тој.
Според него, на трето место се пудрите за слабеење, кои ги нарекува „обична измама“.
„Ако некој ослабе за време на ваква програма, тоа е поради постот, а не поради пудрата. Цената на таквите суплементи е неразумно висока“, заклучува тој.
Иако речиси половина од возрасните редовно земаат додатоци во исхраната, бројни студии покажуваат дека повеќето од нив немаат значителен ефект. На пример, голема студија од 2018 година објавена во Журналот на Американскиот колеџ за кардиологија покажа дека најпопуларните додатоци, мултивитамини, витамин Д, калциум и витамин Ц, немаат ефект врз ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар или прерана смрт. Постојат некои докази дека фолатите и некои витамини од групата Б може да имаат позитивен ефект врз здравјето на срцето, но дури и овде доказите се ограничени.