И покрај оптимистичкиот тон на претседателите Мишел и фон дер Лајен, лидерите на ЕУ рано изутринава постигнаа консензус само за широка рамка за справување со ценовниот шок од енергетската криза, јави дописничката на МИА од Брисел.
Претседателите на Европскиот Совет, Шарл Мишел, и на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, околу три часот изутринава, по првиот ден од лидерскиот ЕУ состанок посветен на енергетската криза, излегоа со триумфални изјави за способноста на 27-те земји членки да постигнат консензус. Но деталите остануваат нејасни.
Она што го постигнаа всушност лидерите оваа ноќ е договор за рамка на делување во наредниот период за справување со ценовниот шок предизвикан од енергетската криза.
Оваа рамка предвидува да се работи на намалување на цените, да се обезбеди сигурност на снабдувањето и да се работи за гарантирање на побарувачката. Освен тоа воведена е и „клаузула на доверба”. Врз основа на оваа рамка, министрите за енергија на ЕУ веќе следниот вторник треба да седнат и да изработат конкретни предлози.
Стартните позиции на земјите членки беа дијаметрално спротивставени. Додека група земји бараше амбициозни мерки за ограничување на цените на гасот и големи напори за да им се помогне на домаќинствата, друга група земји, главно северните и Германија, сметаа дека треба „интервенцијата врз слободниот пазар” да се сведе на минимум.
Конкретно лидерите се договорија дека во наредниот период Европската Комисија и министрите за енергетика на ЕУ треба да формулираат предлози во рамките на денешниот договор.
Мишел и фон дер Лајен изразија задоволство што лидерите успеаја да се договорат за заеднички набавки на гас. Секога земја членка е обврзана да учествува во заедничкото купување на гас на ниво на ЕУ за најмалку 15 отсто од полнењето на залихите. Со ова, ЕУ вели дека се испраќа сигнал до пазарот дека ЕУ е обединета и нема земјите да се натпреваруваат една со друга на енергетскиот пазар. Приватните компании, сепак, и натаму се слободни да ги отфрлат понудите на заедничко снабдување на земјите.
Охрабрувачки тонови се појавиле околу иберискиот модел, на Шпанија и Португалија, кој предвидува ограничување на цената на гасот кој служи за производство на струја. Мадрид и Лисабон го користат овој модел и се земјите кои до сега најефикасно ги заштитија своите граѓани од ценовните шокови, во споредба со другите земји на ЕУ. Од Европската Комисија се бара сега да разработи „студија на импакт” на оваа тема, по што ќе може да понуди конкретни предлози.
Наместо јасно ограничување на цените на гасот, лидерите се договорија за „коридор на цени”, што значи дека не се фиксира една цена, но се адаптираат цените во однос на другите пазари со надеж да се стабилизираат цените и да се избегнат пикови на цени, неиздржливи за домаќинствата. Овој коридор на цени треба да делува како привремен механизам додека не се изработи нов берзански индекс за гасот. Имено, сега на берзата во Холандија, индексот за гасот е адаптиран на гас кој пристигнува преку гасовод. Со затворањето на руската славина и одлуката да се намали максимално увозот на руски гас, ЕУ смета дека овој берзански индекс не е веќе адаптиран и може да биде предмет на манипулации на пазарот, и со тоа да поттикнува повисоки цени. Додека Европската Комисија не разработи нов берзански индекс скроен за потребите на течниот гас кој пристигнува по морски пат, механизмот на корекција, или “коридорот на цени” треба да служи како коректив на цените.
Запрашани кога граѓаните и домаќинствата ќе ги почувствуваат реалните ефекти од овој договор, Мишел и фон дер Лајен изразија увереност дека тоа ќе се случи „многу скоро”.
За тоа време протестите, незадоволството, па и очајот на граѓаните и малите компании во ЕУ не стивнуваат.