Догодина во септември пензиите ќе пораснат за 4 отсто

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Пари за пензиите ќе има, а дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се намалува, соопшти директорот на ПИОМ Никола Мемов на брифинг со новинарите. Во врска со шпекулациите за можно подигање на старосната граница за пензионирање, Мемов вели дека од ПИОМ таков предлог нема да излезе, а надлежен орган за ова прашање е Владата.

За линеарното покачување на пензиите од 2.500 денари Фондот за пензиско осигурување на Македонија за септемвриските пензии исплатил 862 милиони денари (14 милиони евра) повеќе од претходниот месец, односно, за август ПИОМ на 350.000 пензионери им исплатил 7,118 милијарди денари (116 милиони евра), а за септември 7,98 милијарди денари (130 милиони евра).

Во март следната година пензиите ќе се зголемат линеарно за уште 2.500 денари, а во септември се очекува да пораснат за 4 отсто, со редовното годишно усогласување.

И покрај тоа што ПИОМ секој месец треба да исплаќа дополнителни 14 милиони евра само за покажувањето од 2.500 денари, Мемов вели дека Фондот има доволно средства за редовна исплата на пензиите.

– Буџетот за следната 2025 година го планираме на 135 милијарди денари, што е 2,195 милијарди евра. Од овие пари за исплата на пензиите се предвидени 105 милијарди денари, а во вториот пензиски столб ќе се трансферираат 15,6 милијарди денари. Останатите пари се за расходите на ПИОМ, за исплата на плати и други редовни трошоци – вели Мемов.

Во буџетот догодина се очекува прилив од 95,6 милијарди денари (1,55 милијарда евра) од придонеси, 1,63 милијарда денари од акцизите, како и 700 милиони денари од други извори како кирии, дивиденди итн. Од државната каса се планира трансфер од 35 милијарди денари (570 милиони евра).

– Дефицитот во касата на ПИОМ за следната година ќе изнесува 27 отсто, а тој ќе се покрие со трансферот од државниот буџет. Новото раководство на ПИОМ на Владата ќе ѝ предложи на Владата низа комерцијално-претприемачки мерки со кои ќе се намали дефицитот. Овој дефицит не е од недомаќинско работење, туку е резултат на економските политики на сите досегашни влади насочени кон економски раст и отворање на нови работни места. Главна цел на Владата е подобар животен стандард на сите граѓани и намалување на социјалните резлики помеѓу најниските и највисоките пензии. Во Македонија за пензиите е прифатен социјално-солидарниот концепт – вели Мемов.

На брифингот тој сподели дека оваа година, заклучно со 15 октомври, се издадени 19.677 решенија за пензии.

- Advertisement -
Ad image

Директорот на ПИОМ посочи и дека затекнал голем дисбаланс на бројот на вработените по филијалите во Македонија – филијалите во западниот и северниот дел од земјата (Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево) се речиси целосно пополнети со вработени, а во останатите градови тој број е под минималниот за основно функционирање. Поради кусокот со вработени, многу филијали не можат навреме да ги решат пристигнатите барања за пензионирање, па во моментот има околу 3.000 нерешени предмети.

– Вкупно во сите филијали треба да има 964 вработени, а има 491. Проблемот со нерешените предмети ќе го надминеме така што ќе ги распределиме од филијалите каде нема доволен број на вработени, во оние каде што има – рече директорот на ПИОМ Никола Мемов на денешниот брифинг со новинарите.

Share This Article