Премиерот Христијан Мицкоски вели дека до почетокот на следната година можеби ќе има работна верзија на законот со кој ќе се спроведат најавените реформи во безбедносните структури со спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
Одговарајќи на новинарско прашање Мицкоски денеска изјави дека реформата е во согласност со праксата на земјите членки на НАТО.
– Оваа сериозна реформа е потребна затоа што таа е веќе вообичаена пракса во земјите, коишто се дел од НАТО и искуствата кои што ги добиваме од такви земји, како што се на пример САД, Хрватска итн. може да бидат само полезни и дел од овој процес на унифицирање на безбедносниот сектор – рече Мицкоски.
Сето тоа, дополни тој, предизвикува одредена вознемиреност кај удбашки инсталации коишто се наоѓаат во опозициските партии коишто сѐ уште постојат, коишто беа на раководни позиции долги години, децении.
– Сега тие се вознемирени бидејќи знаат дека полека но сигурно на површина ќе излезат сите скандали и злоупотреби коишто ги правеле со нивното работење. Но, тоа не нѐ загрижува, дополнително нѐ мотивира и ќе продолжиме да работиме во таа насока бидејќи оваа реформа е во согласност со праксата на земјите членки на НАТО – изјави Мицкоски, по увидот на работите за изградба на автопатот Гостивар-Букојчани.
Прашан кога ќе биде објавен законот, тој рече дека се работи многу темелно и оти можеби до крајот на оваа или во почетокот на следната година ќе има некоја работна верзија.
фото: МИА