Дивеењето по скопските улици и булевари е проблем што граѓаните го посочуваат со години. Системот „Безбеден град“ никако да профункционира, класичните лежечки полицајци се поставуваат главно на споредни улици или пред училишта, а казните не секогаш ги стасуваат прекршителите.
По разговор и сугестија од нашиот читател Азби Нуредини, Плусинфо ја возобновува иницијативата за испитување на можностите за воведување сообраќајно решение кое би можело да помогне да се ограничи брзината на возењето по големите градски сообраќајници. Станува збор за паметни лежечки полицајци, кои успешно функционираат во други држави.
Веројатно, малку е познато дека идејата за безбедни сообраќајници кои нема да ги нервираат возачите пред неколку години поттикна македонски иновативен тим предводен од Виктор Настев да создаде паметен лежечки полицаец. Иновативната идеја, претставена преку проектот „Smart bumps“, содржи технолошки решенија со кои лежечкиот полицаец ќе ги казни само возачите кои возат пребрзо, а не и совесните, кои ја почитуваат брзината. Оваа идеја освои сребрен медал на саемот Taiwan Innotech Expo во Тајван кој е еден од најзначајните саеми за иновации во светот.
Овој иновативен концепт ги „наградува“ дисциплинирани возачи така што им овозможува непречено минување, а ги забавува оние што ја надминуваат брзината со тоа што им испречува пречка, односно лежечки полицаец. Дали ваквата технологија може да најде место во регулирањето на сообраќајот во градовите низ Македонија?
Како функционираат паметните полицајци?
Со паметните лежечки полицајци се избегнува стоп/старт однесувањето на возачите (кочење и повторно забрзување). Стоп/старт однесувањето поради лежечките полицајци е одговорно за зголемување на загадувањето со ПМ честички за 47 отсто и со CO2 за 60 отсто, но и за зголемување на потрошувачката кај возилата. Еден типичен лежечки полицаец е одговорен за преку 8 тони дополнително потрошено гориво годишно.
Во многу градови низ светот веќе се применува концептот на паметни лежечки полицајци, а меѓу најпознатите се шведскиот систем „Actibump“ и мексиканскиот „Tope Inteligente“.
За разлика од традиционалните лежечки полицајци, кои ги забавуваат сите возачи без разлика на нивната брзина, паметните системи работат селективно.
Системот „Tope Inteligente“ е паметен лежечки полицаец со сензори што ја мери брзината на возилата. Ако возачот се движи во рамките на дозволената брзина, „полицаецот“ се спушта, дозволувајќи непречено минување. Доколку возилото оди пребрзо, полицаецот останува подигнат и го принудува возачот значително да забави.
Шведскиот „Actibump“ е сличен концепт на мексиканскиот, кој користи напредни сензори за детекција на брзината. Ако автомобилот ја надмине дозволената граница, „лежечкиот полицаец“ се спушта и се прави како вдлабнатина на патот. Така се забавува возилото со механичка пречка. Ако возачот се движи според правилата, системот автоматски не се менува.
Овие решенија се користат во повеќе земји и покажале дека можат да ја намалат прекумерната брзина, без да го отежнат движењето на оние што возат правилно.
Нашите брзи возачи ги кочи само физичка пречка
Поставувањето паметни лежечки полицајци во Скопје, особено на булеварите Партизански одреди, Илинден, Србија и Борис Трајковски, каде што често се случуваат трки и пребрзо возење, би можело значително да ја зголеми безбедноста во сообраќајот.
Два паметни лежечки полицајци што ги изработи македонскиот иновативен тим со поддршка на Фондот за иновации беа поставени на улиците Вера Циривири Трена и Орце Николов во Скопје.
Никола Крстаноски, професор на Техничкиот факултет во Битола, познат и признат експерт за сообраќај и транспорт, ја поддржува идејата на главните и брзи сообраќајници во Скопје да се постават смарт лежечките полицајци.
– Секако дека тоа е добро решение. Овие „паметни“ лежечки полицајци ги казнуваат брзите возила, а ги наградуваат оние кои ги почитуваат пропишаните брзини. Се спуштаат кога некој вози според прописите, а се подигаат кога наближува возило кое вози со брзина подобра од дозволената. Јас верувам дека и системот „Сејф сити“ ќе ја подобри ситуацијата, но нашата сообраќајна култура е на такво ниво што најефикасни, сепак, се физичките пречки – вели професорот Крстаноски.
Но, тој предупредува дека за реализацијата на едно вакво решение ќе биде неопходно да се промени Правилникот за урбанистичко планирање, кој е подзаконски акт на Законот за урбанистичко планирање. Правилникот, меѓу другото, ги категоризира улиците во градот на основна улична мрежа (народски кажано, главни сообраќајници) и локална улична мрежа.
– Правилникот не дозволува на улиците од основната сообраќајна мрежа да се поставуваат вакви пречки. Тоа би требало да се промени – вели професорот.
За и против концептот
Предностите на овој воведувањето на овој концепт се намалување на брзината – возачите би се научиле дека нема смисла да возат пребрзо, бидејќи ќе бидат казнети механички, а можеби и ќе го оштетат возилото. Се намалуваат потрошувачката на гориво и загадувањето, бидејќи нема постојано запирање и забрзување, како што се случува со класичните лежечки полицајци. Се зголемува безбедноста на пешаците особено на критичните пешачки премини каде што сега се игнорира ограничувањето на брзината.
Можните предизвици се цената на инсталација, зашто овие системи се поскапи од класичните лежечки полицајци. Одржување – потребна е редовна проверка на системот за да не дојде до дефекти и прилагодување на возачите на новиот концепт.
Прилагодувањето на паметните лежечки полицајци на брзината со која се движат специјализираните возила, како на пример Брзата помош е дел од една понапредна технологија, која обезбедува многу пософистицирани услуги.
Со оглед на тоа дека сегашните мерки не секогаш даваат резултати, градските власти може да размислат за пилот-проект со паметни лежечки полицајци во неколку критични зони. Технологијата веќе докажала дека може да направи разлика во сообраќајната безбедност во други земји.
И министерот за локална самоуправа Златко Перински ги поддржува иницијативите за изнаоѓање нови технички решенија коишто ќе го подобрат сообраќајот во главниот град. Перински очекува сите централни и локални институции, секоја во рамките на своите надлежности, да предложи соодветни технички решенија и подобрување на прописите.
Искуствата на Шведска
„Actibump“ е инсталиран во неколку шведски градови, вклучувајќи ги Линчепинг, Упсала, Вестерос, Хелсингборг и Малме, како и на мостот Оресунд. Вкупно, постојат над 100 активни „Actibump“ единици ширум светот, главно во Европа.
Студиите покажуваат дека овие системи доведуваат до намалување на просечната брзина на возилата, подобрување на протокот на сообраќајот и намалување на потрошувачката на гориво, бучавата и загадувањето на воздухот. Сепак, забележано е мало зголемување на бројот на возачи кои не им даваат предност на пешаците и велосипедистите.
Динамичните лежечки полицајци претставуваат современо решение за подобрување на безбедноста во сообраќајот, насочувајќи се кон возачите кои ја надминуваат дозволената брзина, додека внимателните учесници во сообраќајот не се засегнати.
„Tope Inteligente“ е инсталиран на различни локации во Мексико, вклучувајќи го и градот Пуебла. Првите резултати покажуваат позитивни ефекти врз безбедноста во сообраќајот и намалувањето на загадувањето. Овој иновативен пристап кон управување со брзината има потенцијал да го подобри квалитетот на животот во урбаните средини, поттикнувајќи побезбедно и поеколошко возење.
За подобро разбирање на функционирањето на „Tope Inteligente“, погледнете го следново видео: