Бизнис империја поврзана со поранешниот републикански претседател на САД, Доналд Трамп, добила најмалку 7,8 милиони долари странски исплати од 20 земји за време на неговиот четиригодишен мандат во Белата куќа, покажа денеска истрагата на Конгресот.
Демократите во Надзорниот комитет на Претставничкиот дом рекоа дека парите наведени во извештајот од 156 страници веројатно се само дел од странските плаќања за Трамп и неговото семејство за време на неговата администрација 2017-2021 година.
„Овие земји трошеа – често раскошно – на станови и хотели во сопственост на Доналд Трамп – за лично збогатување на претседателот додека тој носеше надворешнополитички одлуки поврзани со нивните политички агенди, со далекусежни последици за САД“ – се вели во извештајот.
Овие земји ги вклучуваат Кина, Саудиска Арабија, Турција, Демократска Република Конго и Малезија.
Кампањата на Трамп не одговори веднаш на барањето за коментар за наводите од истрагата на Конгресот.
Набргу откако Трамп беше избран за претседател во 2016 година, Конгресот започна да ги истражува конфликтите на интереси на Трамп и потенцијалните прекршувања на одредбите во Уставот на САД за исплати, која им забранува на федералните службеници да прифаќаат подароци од странски земји без одобрение од Конгресот.
Извештајот доаѓа додека 77-годишниот Доналд Трамп настојува повторно да стане претседател на САД на изборите што ќе се одржат годинава.
Тој е водечки кандидат на Републиканците и се очекува да се соочи со претседателот Џо Бајден (81) во реваншот за 2020 година.
Претседателот на Комитетот, републиканецот Џејмс Комер, ги отфрли наодите од извештајот.
-Повеќе од пародија е тоа што демократите ја продолжуваат опсесијата со поранешниот претседател Трамп. Поранешниот претседател Трамп има легитимни бизниси, но Бајден нема – вели Комер во изјавата за американските медиуми.
Во меѓувреме, Републиканците во Претставничкиот дом започнаа истрага за импичмент на Бајден, главно фокусирана на неговиот син Хантер.