Луѓето можат да го сменат дијабетесот тип 2 со префрлување на строга течна диета од 900 калории на ден, понудена од Националната здравствена служба на Англија (NHS).
Но, како што пренесува Би-Би-Си, резултатите покажуваат дека може да биде предизвик да се држиме до таква диета. Оние кои ќе се одлучат за таква диета ќе мора да консумираат само шејкови, супи и протеински барови со месеци, пред повторно да се воведе здрава цврста храна во исхраната.
Илјадници беа поканети да учествуваат во оваа програма, но само 940 ја завршија едногодишната програма, според наодите објавени во списанието The Lancet Diabetes & Endocrinology. Третина од нив сепак изгубиле многу килограми (16 кг), а дијабетесот им бил во ремисија.
Можност што го менува животот
Програмата се нуди на луѓе низ Англија и е финансирана од NHS, така што нема трошоци за поединци. Тие добиваат индивидуални совети за исхрана и вежбање лично или онлајн, како и поддршка од нивниот општ лекар.
Експертите велат дека оваа можност навистина може да ги промени животите на луѓето – ако можат да се држат до програмата.
Ако не се контролира, дијабетесот може да го зголеми ризикот од други сериозни здравствени проблеми и да ги оштети очите и нервите.
„Дебелината е една од најголемите закани за здравјето во ОК и ќе биде еден од најголемите и најскапите предизвици за здравствените системи на глобално ниво, така што гледаме охрабрувачки резултати од нашата програма“, рече д-р Клер Хемблинг, национален клинички директор на NHS за дијабетес и дебелина.
Кој може да учествува?
Луѓето се подобни ако:
– се на возраст од 18 до 65 години,
– биле дијагностицирани со дијабетес тип 2 во последните шест години,
– имаат индекс на телесна маса (БМИ) над 27 kg/m2 (ако се од белата етничка група) или над 25 kg/m2 (ако се од црни, азиски и други етнички групи)
Би-Би-Си нагласува дека поединците треба да следат многу нискокалорична диета само ако тоа им го препорача нивниот лекар.
Мари Лејнг, од Фром, Сомерсет, го сподели своето искуство откако и беше предложена оваа програма од лекар. „Ова не е диета – тоа е промена на животниот стил. Учење за вашето тело, како храната влијае на вас, зошто сакате храна, како треба да вежбате…“
„Не е лесно, но вреди да си го вратиш животот“, додаде таа.