До петок ЈСП со помош на Градот ќе треба да исплати половина од долгот кон приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес превоз“. До почетокот на следната година долгот од над 93 милиони денари (5,73 милиони евра) кон двете компании треба целосно да се раздолжи.
ЈСП на „Слобода превоз“ ѝ должи 65 милиони денари заклучно со септември, додека долгот кон „Макекспрес превоз“ за 2,5 месеци изнесува 28 милиони денари, суми кои според договорот треба редовно да се исплаќаат на неделна и месечна основа.
– Договорено е до петок да ја добиеме половината од долгот за изминатите два месеца кој за нашата фирма е 43 милиони денари, а потоа да се воспостави редовна неделна исплата на авансите од 70 отсто од сработеното, исплата на месечните фактури и дополнителна сума на пари од дел од долгот за да може целиот процес да заврши до крајот на годината и во следната година да влеземе со нула долг – вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Доколку ова не се испочитува, вели тој, проблемот кај приватните превозници дополнително ќе се искомпликува. Тие ќе бидат принудени да го намалат бројот на автобуси на линиите во Скопје.
– Во тој случај долгот само кон нас ќе порасне на 65 милиони денари бидејќи и септември ќе биде веќе пресметан. Дел од нашите возачи нема да можат да платат гориво, бидејќи веќе должат за гориво, а имаат и рати за кредити за набавени автобуси. За нас како компанија се доведува во прашање и редовната исплата на платите на возачите. Тоа за нас како компанија е проблем бидејќи ќе мора да се намали бројот на автобуси кои ќе сообраќаат на линиите кои ги држиме. Во услови на криза ние веќе имаме и барања за зголемување на платите, а сме ставени во ситуација да не можеме да ги исплатиме сегашните – вели Јовановски.
Милорад Димитриевски од „Макекспрес превоз“ вели дека компанијата сѐ помалку има пари за нормално работење.
– ЈСП ги нема исплатено обврските кон нас за јули, август и веќе за септември. Досега ни должат 28 милиони денари, а ако се додаде и септември долгот се зголемува. Немаме пари за нормална работа. Цените на горивата, резервните делови, гумите се зголемени за 50 до 80 отсто. Доведени сме во состојба да не можеме да ги исплатиме платите и да наточиме гориво во автобусите – вели Димитриевски.
Јовановски и Димитриевски очекуваат ЈСП и Градот во наредниот период да го реализираат договореното.
– Ние не сме должни да го финансираме ЈСП. Имаме договор кој треба да се почитува иако и според него ние работиме под економската цена. Неделно треба да ни се исплаќа аванс од 70 отсто од остварената работа, а потоа остатокот да се регулира преку фактура. Во меѓувреме, ЈСП треба да ги засили контролите бидејќи граѓаните одбегнуваат да ги користат валидаторите, односно не плаќаат билети за превоз – вели Јовановски.
Приватните превозници очекуваат да се промени и пресметката на надоместокот за извршен линиски превоз, бидејќи сите влезни трошоци се зголемени неколкукратно.
– Со градоначалничката договоривме посебна комисија од одделот за сообраќај да го анализира проблемот и да направи пресметки во кои ќе влезат новите цени на горивата и другите репроматеријали. Ако се вклопуваат во следниот буџет да бидат и прифатени – вели Јовановски.
Моментално, според одлуката на Град Скопје, надоместокот за извршени услуги во линискиот превоз на патници, по критериумот – остварен километар изнесува едно евро по километар.