Државата ги доби првите 500 милиони евра од унгарскиот кредит, веќе е најавена и втората „транша“ на ист износ, најверојатно повторно од Будимпешта. Новите задолжувања веќе ги цртаат проекциите за зголемен јавен долг, пишува Порталб.мк.
Министерството за финансии преку новата Стратегија за управување со јавниот долг предвидува намалување на процентот на долгот во БДП во следните години.
Јавниот долг во 2029 година ќе се стабилизира на 60% од БДП
„За да се задржи нивото на јавен долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и на долг рок којшто не треба да го надмине нивото од 60% од БДП. Среднорочните проекции прикажани во оваа стратегија покажуваат дека јавниот долг во однос на БДП ќе го намине максималниот праг од 60%. Во 2025-та се очекува умерен пад а опаѓачкиот тренд ќе продолжи во 2026-2028 и во 2029 година кога се очекува да се стабилизира на 60% од БДП“, се наведува во новиот документ „Стратегијата за управување со Јавен долг“.
Оваа година завршува со веќе земениот унгарски кредит од 500 милиони евра. За следната 2025, во најава е уште една „транша“ од 500 милиони евра, најверојатно, повторно од Будимпешта, но сè уште се прават анализи за состојбите на меѓународниот финансиски пазар. Ова задолжување, веќе извесно, ги помести границите на Јавниот долг. Годинава, според проценките од новите документи на Министерството за финансии, ќе заврши со ниво на јавен долг од 66,4%.
Владата ветува дека нема неоправдано да се задолжува
И покрај растечкото ниво на јавен долг, од Владата тврдат дека нема да има неоправдани задолжувања и дека нема да биде згрозена финансиската стабилност на државата.
„Политиката на управување со јавен долг ќе биде насочена кон обезбедување на неопходните средства за финансирање на буџетскиот дефицит, за отплата на долговите што достасуваат како резултат на задолжувањата од претходните години и за проектно финансирање, без притоа да се предизвика неоправдано зголемување на долгот до ниво кое може да ја загрози стабилноста на економијата и економскиот раст на државата“, се наведува во новата фискална стратегија.
За 5 години треба да се вратат 6 милијарди евра
Се земаат нови заеми, а на „врата“ ќе тропнат доспеани, за отплата. Според пресметките на Министерството за финансии, за пет години само Централната власт по основ на доспеани обврски треба да врати 6 милијарди евра на домашните и на странски кредитори.
Најголем износ, 1,5 милијарди евра, треба да се врати во 2028-та година. Најголемите суми се по основ на еврообврзници. Во секоја од следните 4 години треба да се исплати по една еврообврзница или вкупен износ од 2,4 милијарди евра само по основ на главнина.
Во 2025-та година, според проценките на Министерството за финансии, задолжувањето по основ на државниот долг се лимитира на 600 милиони евра, односно тоа треба да биде максималниот износ на заем кој ќе биде земен од домашните и од странските кредитори.
На истекот од 2024, според последните достапни податоци, Јавниот долг на крајот од првото економско полугодие изнесувал 60,5% или 8 870 900 евра.