Најмалку 7 милиони евра и 200 нови работни места, предвидува инвестицијата на швајцарската „ДМ Бау АГ“ во индустриската зона во Куманово за која денеска беше потпишан договор меѓу владата и тимот на компанијата. Компанијата ќе произведува модулани дрвени објекти.
Сопственик на компанијата која инвестира во земјава, како што изјави премиерот Христијан Мицкоски е наш иселеник во Швајцарија.
– Инвестицискиот план вклучува вложување во купување земјиште, целосна изградба на погони и нивно опремување со машини за производство на модуларни објекти со различна намена. Ќе изгради голем комплекс составен од повеќе објекти за производство, монтажа и складирање со вкупна површина 35.000 квадратни метри. За оваа цел компанијата годинава купи 72 000 квадратни метри земјиште каде што веќе се во тек подготвителни активности за инвестицијата. Изградбата на планираните објекти треба да почне кон крајот на првата половина од 2025 година – информира Мицкоски по потпишувањето на договорот.
Тој рече дека покрај производство на вакви објекти, компанијата е и нивен изведувач.
– Обртот е неколку десетици милиони швајцарски франци, има повеќе од седумдесетина вработени и 30-на проекти годишно. „ДМ Бау“ е еден од најголемите европски производители во овој сегмент. Моментното производство се одвива на две локации во Швајцарија, а плановите за интернационализација и зголемување на капацитетите, „ДМ Бау“ одлучи да ги реализира преку Македонија -рече Мицкоски.
Од тимот кој го потпиша договорот рекоа дека внимателно проверувале повеќе места за инвестицијата и се одлучиле за земјава.
-Ние сме швајцарска компанија која се фокусира на префабрикувани дрвени конструкции и мошне внимателно размислувавме за нашето проширување. Внимателно проверувавме неколку различни места и можности за тоа каде може да ја прошириме компанијата и конечно навистина сме среќни што С Македонија се појави како место што го избравме и мислам дека досега се течеше добро – дијалогот, отвореноста, пронаоѓањето решение. Тоа ни покажа дека нашата одлука беше вистинска. Затоа, навистина со нетрпение очекуваме да почнеме со нашиот процес тука и сигурни сме дека заедно со вас можеме да изградиме успешна компанија во Северна Македонија. Исто така сме и мошне горди што нашиот проект е во тек. Со нетрпение очекуваме да можеме да создадеме нови работни места, нови можности тука, во овој регион, како и да додадеме вредност кога станува збор за образованието и едуцирањето за префабрикувани конструкции – изјавија од тимот.
„ДМ Бау Интернешнал“ е дел од Групацијата „ДМ Бау“, швајцарски производител на модуларни објекти со преку 100 години традиција.
Премиерот најави уште една инвестиција до крајот на неделава.