Антикорупциската комисија веќе добила дел од потребната документација за предметот што го отвори во врска со коридорите 8 и 10д, и, поради неговата специфичност, ќе му посвети особено внимание со цел вистината за оваа зделка да излезе на виделина – изјави денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска.
– Кај нас е отворен предмет. Во фаза сме на прибирање на сите потребни документи. Дел ги имаме добиено, останатите ги очекуваме. Поради неговата специфичност, овој предмет ќе го работи тим од советници и од членови на Комисијата, значи ќе му дадеме особено значење и внимание сè со цел вистината да ја извадиме на виделина, а резултатите ќе ги соопштиме на јавна седница – изјави Ивановска, на новинарско прашање во тек на годишна конференција за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.
Покрај Антикорупциската комисија, и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас.
– Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката – најавија од ОЈО ГОКК.
Апели да се истражат наводите околу изборот за надзорот до Антикорупциската комисија и до Обвинителството изминатиот период упати премиерот Димитар Ковачевски.
Проектот беше официјализиран вчера на настан кај наплатната рампа на автопатот Тетово – Гостивар, една од четирите делници што ќе се градат во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра. Останатите три делници опфатени со договорот со изведувачот „Бехтел и Енка“ се Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.