Цените на зеленчукот на зелените пазари секојдневно растат. Граѓаните се жалат дека она што пред една година можеле да го купат сега е речиси за половина помалку. Кај одделни зеленчуци цената порасна дури за 190 отсто.
Пазарџиите се правдаат дека зеленчукот што го набавуваат има повисока цена од лани и дека во високите цени на производите влегуваат и нивните повисоки трошоци за закуп на тезги, плаќање данок како и цената на горивото.
– Сè е скапо. Влези во продавница скапо, дојди на пазар, исто така скапо. Многу тешко во вакви услови можеме да се храниме здраво. Не зборувам само за раноградинарските култури кои имаат високи цени. Зборувам за она што го купуваме за секојдневна исхрана. Компирот е 50 и 60 денари килограм, гравот се продава по цена од 150 до 300 денари килограм, оризот стигна до 100 денари. Лутите пиперки имаа цена и до 300 денари, зависно од пазарот и од денот, а да не зборувам за карфиолот кој од 60 денари скокна на 240 денари. Доматот во одделни денови стигнува и до 200 денари за килограм. Дури и цената на младата зелката е далеку повисока од лани. На пазарите ја има за цена од 80 денари од килограм. И со овошјето е иста состојбата. Цените само растат. Бананите имаат цена од 120 денари, лимонот за 80 денари, а мандарините се продаваат по цена од 90 денари. Ако лани купував по килограм од нешто сега купувам во грами, а тоа говори многу каде сме стигнале – се жали скопјанка.
Таа вели дека како и за маркетите така и за зелените пазари важи правилото – прошетај од пазар до пазар за да купиш поевтино.
Според податоците за цените на зеленчукот во февруари на земјоделско-пазарниот информативен систем на Министерството за земјодлество, кој ги регистрира просечните цени на зелените пазари, за една година поскапеле скоро сите зеленчуци. Најмногу поскапел карфиолот дури за 188%. Просечната цена на овој зеленчук лани изнесувала 63,8 денари, а годинава во февруари стигнала до 184 денари. Кромидот поскапел за 41%, доматите за 9%, а поскапеле и гравот за 38% и леќата за 34%.
Од овошјето според истите податоци, најмногу поскапеле бананите за 38,5 %, жолтиот грејпфрут за 35 отсто и лимонот за 31,5 отсто.
На пазарот на големо во Скопје цената на доматите во февруари изнесувала 120 денари, на пиперот 100 денари, на краставиците 130 денари, на лукот 130 денари, а на кромидот 60 денари. Компирот на пазарот на големо во февруари се продавал по цена од 30 денари.
На пазарот на големо, пак, најмногу поскапеле јаболкате црвен делишес за дури 108 отсто. Лани нивната просечна цена во февруари изнесувала 18 денари за килограм, а годинава тие на пазарот на големо во Скопје се нудат по цена од 45 денари за килограм. На големо исто така поскапување има кај банините, лимонот и грејпфрутот.
Ппазарџиите ја објаснуваат големата разлика на цените на големо и цените на мало со зголемената конкуренција, но и со нивните повисоки месечни трошоци.
– Цената ја формираме според тоа колку стока има во текот на денот од ист производ. Ако има повеќе, цената е пониска, ако има помалку – повисока. Но, во цената влегуваат и нашите трошоци за персонален данок, кој месечно е 100 евра, за закупот на тезгите, кој зависно од пазарот во Скопје се движи од 3.500 до 6.000 денари за месец. Трошок имаме и за гориво, па нели тие производи треба да стигнат на тезга. Тоа треба да го покриеме, но и да живееме од оваа работа – вели продавач на тезга.
Причина за високата цена на одделни зеленчуци кои се увезуваат е и повисоката набавна цена, додаваат пазарџиите.
– 80 отсто од она што се продава на зелените пазари е од увоз. Се увезува најмногу од Албанија и Грција а помалку од Турција и Бугарија бидејќи за да се увезе од тие земји е далеку поскапо поради тамошите високи цени поради високата цена на струјата, но и поради цената на горивото и царинските давачки. Домашното производство ќе го имаме малку подоцна, но мислам дека цените годинава и кај овој зеленчук ќе бидат повисоки од лани бидејќи земјоделците имаат далеку повисоки трошоци – вели Екрем Долек од Комората на пазарџии.
Според него, пазарите во последните години имаат сè помалку купувачи, иако нудат свежи производи.
– Цените се високи, дури за одделни производи се повисоки од маркетите. Кај дел од пазарџиите има и лажирање на грамажата и квалитетот на производот кој е изложен и кој се продава, а тоа ги одвраќа граѓаните да купуваат неквалитетни производи за висока цена. Во маркетите, иако зеленчукот не е секогаш свеж, граѓанинот има можност да го одбере она што му се допаѓа. Ова мислам ќе биде пресудно за изумирање на зелените пазари покрај проблемот кој го имаме секаде во државата – нема кој да работи на тезгите. Младите заминуваат – вели Долек.