Во сржта на современото општество се случува тивка, но разорна инверзија на вредностите: неписмените ги тролаат писмените, а моќта се црпи исклучиво од функцијата добиена преку партиска книшка. Но што навистина настанува кога овој феномен станува општествена норма?
Настанува систематско разградување на институциите. Кога на чело на образовни, културни или државни институции се поставуваат луѓе не според нивната стручност, туку според нивната партиска припадност, тие институции неминовно почнуваат да колабираат однатре. Структури градени со децении се растураат со брзина што фрапира. Стручњаците, кои го вложиле својот живот во градење експертиза, се туркаат на маргините или принудени да го напуштат системот.
Настанува деградација на општествениот дијалог. Кога функционерите не располагаат со елементарна писменост, а камоли со критичко размислување, јавниот дискурс станува низа од шупливи фрази и популистички пароли. Аргументите се заменуваат со етикети, а суштинските прашања се потиснуваат под килим од празна реторика.
Настанува парадокс на моќта без одговорност. Функцијата се доживува само како привилегија и извор на моќ, но никогаш како одговорност. Оттука, носителите на функции ретко чувствуваат потреба да оправдаат или објаснат свои одлуки. Транспарентноста станува непожелна, бидејќи би го разоткрила фундаменталниот недостаток на компетенција.
Настанува феномен на двојни аршини. За партиските војници, критериумите се спуштаат до непрепознатливост, додека за независните стручњаци истите се подигаат до недостижни височини. Така се создава круг на медиокритети кои регрутираат уште поголеми медиокритети, продлабочувајќи го јазот на неквалитет.
Настанува криза на идентитет и перспектива. Општеството кое ги вреднува партиските книшки над дипломите и искуството испраќа јасна порака до младите генерации: образованието и стручноста се помалку важни од политичката лојалност. Резултатот е предвидлив – егзодус на мозоци и капитулација на амбициите.
Настанува систем што се самоодржува. Неписмените, еднаш дојдени на позиција, немаат интерес да ангажираат писмени – тие претставуваат закана за нивниот статус. Така се формира затворен круг на деградација што се храни од сопствената неспособност.
Историјата нѐ учи дека цивилизациите не пропаѓаат само од надворешни закани, туку првенствено од внатрешно распаѓање на вредносниот систем. Кога општеството почнува да ги слави неспособните, а да ги маргинализира способните, тоа е првиот знак на долгорочна општествена декаденција.
Затоа, прашањето не е само политичко, туку суштински егзистенцијално: можеме ли да си дозволиме да го препуштиме кормилото на државата во рацете на оние кои едвај можат да читаат карта? Одговорот е јасен,но патот до промена бара храброст да се каже: царот е гол, а функционерот е неписмен.
Сашо Денесовски