Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, по повод Светскиот ден на здравјето

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, по повод Светскиот ден на здравјето, најави значителни реформи за примарната здравствена заштита.

Во насока на унапредување на примарната здравствена заштита, Клековски нагласи дека, освен зајакнатата контрола на рецептите и боледувањата, за првпат ќе се воведе мерка за подобрување на процесот на упатување кон повисоки нивоа на лекување.

Клековски истакна дека што е можно повеќе здравствени проблеми треба да се решаваат на ниво на примарна заштита, наместо да се пренесуваат кон секундарни и терциерни установи. Тој соопшти дека се воведени 5 нови протоколи за примарното здравство, вклучувајќи кардиоваскуларни и слични болести.

– Следните мерки се за подобрување на здравствена заштита и Министерството за здравство веќе донесе 5 протоколи за примарното здравство, вклучувајќи кардиоваскуларни и слични болести кои ќе подразбираат поголемо внимание на матичните доктори кон овие болести. Дополнително, за тоа Фондот воведува нови цели за превенција и рано откривање на малигни заболувања на простата, дебело црево и грло на матка кои треба да делуваат во синергија со превентивните програми на МЗ. Првпат се воведува превентивна цел насочена кон менталното здравје, со посебен акцент на раното откривање на депресија кај млади лица на возраст од 18 до 35 години. Дополнително, се воведуваат мерки за рана дијагноза на крипторхизам кај деца и деформитети на рбетниот столб. Како целосна новина, се воведува и програма за едукација за вакцинација, со цел обезбедување навремено и целосно спроведување на вакциналниот програм – посочи Клековски.

Тој потенцира дека е неопходно помладите лекари да се мотивираат да ја одберат примарната здравствена заштита поради високата просечна возраст на матичните лекари.

– Постојат административни пречки во трансферот на ординациите од постари на помлади лекари. Мора да ја олесниме процедурата за пренос и да создадеме финансиски мотивирачки услови – нагласи Клековски.

Капитацискиот бод се зголемува за 33%

Македонската влада најави историско зголемување на капитациониот бод за матичните лекари, со што значително ќе се подобрат условите и платите во примарното здравство, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, честитајќи им го празникот на здравствените работници и изразувајќи им благодарност за нивната посветеност.

– Имам добра вест за јакнење на примарната здравствена заштита. Донесена е одлука за историско зголемување на капитациониот бод за матичните лекари од општа медицина, гинекологија и од стоматологија – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека вредноста на капитациониот бод се зголемува од 75 на 100 денари за општите матични лекари и за гинеколозите, и од 61 на 75 денари за стоматолозите, што претставува покачување од 33% односно 23% и е значајно за мотивацијата на лекарите во примарното здравство.

- Advertisement -
Ad image

Повеќе пари – поголема мотивација за лекарите сами да ја завршат работата

Министерот за здравство, Арбен Таравари, истакна дека зголемувањето на капитацијата ќе ги мотивира лекарите во примарното здравство самостојно да ги изведуваат процедурите за кои имаат соодветна обука, со што ќе се намали притисокот врз секундарното здравство.

– Примарното здравство треба да биде базата. Сега примарното здравство функционира добро, но целта ни е да ги мотивираме лекарите со покачувањето на капитацијата и да им дадеме можност да работат процедури кои можат да се изведуваат во примарното, наместо во секундарното здравство – нагласи Таравари.

Ќе направиме контрола на бројот на осигуреници, кои се основа за пресметка на капитацијата. Ќе има зголемено финансираање, но и зголемени очекувања и контроли, додаде тој.

- Advertisement -
Ad image

„Совеста ми е чиста, целта беше спасување животи“

Министерот Таравари се осврна и на неодамнешниот трагичен пожар во Кочани.

– Се обидовме и го дадовме нашиот максимум како Министерство за здравство, во координација со Министерството за надворешни работи и тим од 30 до 40 луѓе. Да ги лекувавме сите 193 пациенти со изгореници тука… Тоа ќе беше огромен предизвик дури и за земја како Турција, која располага со значително поголеми капацитети – посочи Таравари.

Тој додаде дека целта на Владата била да има што помалку жртви и дека во тоа успеале, истакнувајќи дека превозот, сместувањето и финансиската поддршка за пациентите и нивните семејства биле целосно бесплатни, а дополнително се обезбедени и посебни програми за финансиска помош.

– Слободно критикувајте, но совеста ми е чиста – рече Таравари.

Share This Article