Интегрално обраќање на директорот Тасевски: Почитуван Министер за внатрешни работи г-н Оливер Спасовски,
Почитувана државен секретар во МВР м-р Магдалена Несторовска,
Почитуван ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола проф. д-р Игор Неделковски,
Почитуван декан на Факултетот за безбедност и автор на учебникот Раководење во полицијата проф. д-р Никола Дујовски,
Почитувани припадници на МВР,
Почитувани професори, студенти, гости,
Со особено задоволство ја прифатив поканата да се обратам на свечената промоција на новиот универзитетски учебник од авторот проф. д-р Никола Дујовски од Факултетот за безбедност.
Имајќи ја предвид активната соработка помеѓу Бирото за јавна безбедност и Факултетот за безбедност која особено се развива во изминатите 5 години, сакам да истакнам дека заедничкиот пристап на работа и размена на искуства помеѓу двете институции придонесува да се користат придобивките на теоријата и практиката во секојдневното полициско работење. Ние во МВР и во Полицијата секогаш со внимание ги следиме анализите, извештаите и препораките кои ги даваат професорите од Факултетот за безбедност и се обидуваме да ги имплементираме во дневната практика. Од друга страна, постојано сме отворени за соработка и ги споделуваме најзначајните безбедносни податоци кои ги користат професорите и студентите за нивните истражувачки активности, како и за подготовка на магистерски и докторски трудови и други публикации.
Со големо внимание пристапив кон анализа на содржините кои се дел од овој универзитетски учебник и можам да истакнам дека учебникот претставува вистински спој на теоријата и практиката. Авторот посветува подеднакво внимание и на научните постулати на раководењето во полицијата како основа за градење на дополнителни знаења, но и на полициската практика која е многу значајна за развојот на квалитетни кадри кои успешно ќе го водат процесот на раководење во Полицијата.
На мислење сум дека учебникот Раководење во полицијата ќе има подеднаква применлива вредност како за студентите на Факултетот за безбедност така и за вработените во Министерството за внатрешни работи и Полицијата, кои ќе може да стекнат нови напредни знаења и вештини за раководењето како најзначаен сегмент на нивната работа.
Во учебникот се забележува искуството на авторот, кој ги искористил неговите практични знаења да понуди теми кои се многу значајни за редовните работни задачи на раководниот полициски работник. Елаборирање на основните и дополнителните функции на раководењето даваат еден нов, модерен пристап во планирањето, организирањето и спроведувањето на полициските работи и ќе бидат добро четиво за секој полициски работник. Дополнителните функции кои им стојат на располагање на раководните работници, можат значително да им ја олеснат работата. Авторот на многу внимателен начин ги претставува идентификувањето на проблемите, поврзувајќи ги со донесувањето на одлуки, процес кој има суштинско значење за навремено и квалитетно извршување на полициските работи. Мотивирањето на вработените е многу значајно, а токму во овој учебник ќе може да се прочитаат многу корисни совети за тоа како да ги направиме вработените повеќе посветени и помотивирани за извршување на безбедносните задачи.
Особено внимание ми предизвикаа содржините за раководењето во полицијата при извршувањето на посебните (специјални и сложени) безбедносни задачи како и раководењето во полицијата при спречување на граѓански немири. Токму во овој дел може да се препознае внимателноста на авторот кој ги имал предвид сите законски прописи и регулираноста на извршувањето на овие безбедносни задачи, а сепак да предизвика дополнително внимание при донесувањето на секоја поединечна одлука и да понуди јасен и прецизен пат по кој може да се движат полициските раководители при раководењето во најсложените безбедносни задачи.
Овој учебник за нас претставува дополнителна поддршка за развојот на полицијата во современа, демократска институција, столб на нашиот безбедносен систем и на владеењето на правото во нашата држава.
Со издавањето на овој учебник, студентите на Факултетот за безбедност, но и вработените во Полицијата добиваат нова стручна литература преку која ќе ги збогатат своите знаења за полицијата како систем и за раководењето како основен процес кој ги придвижува работите напред.
На крајот, дозволете ми на авторот проф. Дујовски да му честитам за издавањето на новиот учебник со надеж дека ќе ги добие позитивните критики од професорите, студентите, но и од вработените во Министерството за внатрешни работи. На сите наши партнери и соработници од Факултетот за безбедност им посакувам уште многу вакви успешни активности, а на студентите да продолжат со внимание да ги совладуваат полициските и другите безбедносни науки, затоа што само на тој начин ќе се стекнат со квалитетни знаења кои еден ден ќе ги применуваат во работата во македонската полиција и во промовирањето на демократските вредности кои се одлика на нашиот систем.