Денеска, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски во Спортско рекреативниот центар ,,Борис Трајковски“ присуствуваше и го отвори Меморијалниот турнир во бадминтон во организација на Македонскиот полициски синдикат и Одделот за заштита на определени личности и објекти. Директорот Тасевски се заблагодари на поканата и укажаната чест од организаторите да биде дел од овој спортски настан кој претендира да стане наша традиционална манифестација. ,,Честа е уште поголема, со оглед на крајно благородниот мотив за одржување на турнирот: споменот кон сите наши колеги и драги пријатели што, за жал, не се повеќе меѓу нас. Згора на тоа, фактот што овој настан денеска е збогатен со уште еден убав чин –крводарителска акција на нашите колеги што ќе се реализира овде, јасно говори за хуманиот, човечки карактер на целата манифестација. Во тој смисол би сакал дополнително да се заблагодарам на колегите крводарители, на Институтот за трансфузиологија, на организаторите за збогатувањето на овој цел настан во име на хуманоста„-рече во своето обраќање Тасевски.
Во прилог го објавуваме интегралното обраќање на директорот Тасевски:
Почитувани,
Спортското натпреварување, спортот воопшто, преку неговите вредности на фер-плеј, на витештво, на здрава компетиција, бездруго претставува најдобриот симбол што луѓето можат да го изберат во името на спомените – индивидуални или колективни – за луѓето со кои што некогаш сме соработувале, сме другарувале, сме делеле добро или лошо, сме раснеле и напредувале, а денеска не се меѓу нас. Оттаму ваквите настани отсекогаш биле извонредна можност, преку другарувањето заедно да се присетиме на поранешните колеги и пред се пријатели, негувајќи ги спомените и изразувајќи им ја почитта за се што заедно сме споделиле. Во тој дух, јас сум убеден дека и овој турнир во бадминтон, не само што ќе се етаблира како традиционален настан, туку ќе прерасне во манифестација што обединува преку спомените, ќе ги чува и негува оние најдрагоцени човечки начела – на пријателство, солидарност и заедништво, на меѓусебен и респект кон оние што не мотивирале да бидеме овде. На крајот дозволете ми, користејќи ја можноста во свое и во име на Министерството за внатрешни работи уште еднаш да оддадам почит кон нашите починати колеги, да го искажам своето лично, длабоко, уверување дека спортскиот и меморијален дух на оваа манифестација ќе живее и во годините пред нас. И секако прогласувајќи го турнирот за отворен им пожелувам успех на сите тимови и натпреварувачи.
Благодарам