Српската премиерка Ана Брнабиќ ѝ порача на опозицијата денеска, на денот кога е најавен третиот протест „Србија против насилството“, дека нема да има „технички влади“ и промена на власта на улица, ниту „насилно затворање“ медиуми во Србија, а за бранот протести во земјата вели дека се вмешани „странски служби“.
Брнабиќ на собраниската расправа за безбедносната состојба по двете масовни убиства во Србија на почетокот на мај, ги отфрли обвинувањата на дел од опозицијата дека Владата сноси одговорност за околностите во кои се случиле тие две трагедии.
– Нема шанси да ја формирате вашата техничка, експертска влада без изборната волја на граѓаните, на улица – рече Брнабиќ, која протестите и притисоците ги гледа како обиди на опозицијата да ја узурпира власта преку протести.
По двата масовни протести минатата недела, предизвикани од две масовни престрелки во кои 18 беа убиени, а 20 беа ранети, проевропската опозиција денеска во 18 часот повика на голем јавен собир против поттикнувањето и толеранцијата на насилство на јавниот простор.
Брнабиќ оцени дека „странски служби“ биле директно инволвирани во сè што следело по двете масовни убиства во Србија.
– Ова што се случува е директно влијание на странски служби и директна дестабилизација на Република Србија“, им порача Брнабиќ на парламентарците. Дел од опозицијата, која го поддржува граѓанскиот протест, ја напушти собраниската седница.